ПРИЗНАНИЕ ЗА ВИТАМИНКА ЗА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ И ПРОМОЦИЈА НА СЕМЕЈНИТЕ ВРЕДНОСТИ

Priznanie 1

Витаминка доби признание од Владата за општествена одговорност и промоција на семејните вредности, за воведување на скратеното работно време за родителите кои се враќаат од породилно отсуство. Признанието го прими претседателот на одборот на директори, Симон Наумоски. Тој истакна дека признанието, пред сé е заслуга на генералниот извршен директор и младиот менаџерски тим во компанијата. Дополни дека во Витаминка се воведуваат и други новини за зголемува задоволството кај вработените и се стимулираат семејните вредности.

-Витаминка е предводник во создавање подобри услови за сопствените вработени. Со последните одлуки и иницијативи, покрај скратеното работно време во период од три месеци за родителите кои се враќаат од породилно отсуство, Витаминка воведе и надомест за трето дете, што претставува уште една мерка со која се подобрува статусот на вработените, се поттикнуваат семејните вредности и успешното родителство – истакна Наумоски.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека е важно да се прави баланс меѓу професионалните и приватните обврски за квалитетен пазар на труд, но и за успешно родителство. Порача дека мерката на Витаминка треба да биде инспирација и пример за сите компании.

Неодамна компанијата организираше бесплатни ехо прегледи на дојка како и предавања за заштита на здравјето на вработените и будење на свеста за рана детекција на ракот на дојката.

Loading