ОБЕМОТ И СТРУКТУРАТА НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО И СТОЧАРСКОТО ПРОИЗВОДСТВО (3)

Прилеп и прилепско меѓу двете светски војни

feljton

Бидејќи во 1919 г. ги загубија муштериите во околијата и на подалечните пазари, многу ќурчии се иселија во Романија и Бугарија, а казанџиите и кондураџиите заминаа во други краишта. Другите занаетчии беа принудени да преминат кај земјоделците или да заминат на печалба во туѓина. Меѓу првите занаети кои почнаа да замруваат беа старите кои беа претежно во рацете на Турците, како што се пушкарскиот, сарачкиот, ножарскиот, наланџискиот, брдарскиот, сапунџискиот и др, кои масовно почнаа да заминуваа и да се селат во Турција. Бидејќи немаа сметка да ги држат дуќаните, помоќните занаетчии ги унапредуваа во мајстори своите калфи масовно, и тие да отворат дуќани. Освен тоа ,,преселувањето на селаните во градовите,, предизвика навала на занаетчиите. Поради пренатрупаноста на занаетите, како и многубројните необучени занаетчиски кадри, завладеа голема конкуренција која сите значајно ја чувствуваа.

Покрај многуте, околу 40 занаети, во 1921 г. биле многу се разви ткаењето на килими и плетењето на волнени чорапи. Беа ангажирани околу 3000 жени, а годишно само во градот се изработуваа околу 2000 обични килими. Домашното рачно производство било развиено и во селата. Повеќе селани добиваа дополнителни приходи. Во 1927 г. само во Прилеп имаше 674 занаетчии, од кои 107 кондураџии и влечкари, 76 колари и ковачи, 73 лебари и пекари, 51 касап, 42 шивачи, 28 кожувари, 27 бербери, 27 столари, 25 опинчари, 20 мутафџии, 19 бравари и кантарџии, 19 грнчари, 16 налбати, 14 терзии, 12 восокари, по 8 бојаџии и лимари, 7 наланџии, 6 слаткари, 4 абаџии и др. Меѓу занаетчиите само чевларите имале задруга. Постоеше и окружен одбор на занаетчиските здружнија за прилепската, крушевската и поречката околија. Во 1927 г. работеше и едно стручно продолжено училиште со 394 ученици и со 13 наставници, кое располагаше со годишен буџет од преку 70 илјади динари.

Во годините на стопанската криза од 1929 – 1932 г., повеќето занаетчии беа принудени да ги турнат кепенците на дуќаните, а чевларите и шивачите почнаа да работат дома по наемнина од парче. Со тоа беа изложени на максимална експлоатација од работодавачите. ,,Чаршијата дојде до положба формално сама да се јаде себе си. Со еден дел тоа водеше кон ликвидација на чаршијата, зашто настануваше прочистување, во кое малку занаетчии и трговци пропаѓаа во сиромаштија и остануваа без своите фирми,,. Стагнацијата продолжи до 1936 г. кога повеќето станаа ситни и располагаа со скромни средства, со мали обрти и приходи. Многумина беа во слична животна положба со работниците. Стопанската криза успеаја да ја пребродат само со значајно намалување на егзистенцијалните потреби и со одгледување на тутун и на други индустриски култури на помали и поголеми парецели. Со силната конкуренција на индустриските стоки, особено беа ставени во тешка положба чевларите, опинчарите и шивачите. Дури во 1939 г. настапи извесно заживување на занаетчиството и другите стопански дејности. Се забрза процесот на акумулација на трговскиот капитал. Меѓутоа, и тогаш, мали беа приходите од занаетчиските дуќани. Занаетчиите продолжија да живеат скромно и одвај ги издржуваат семејствата. Бидејќи во пратходните години немаа задолжително социјално осигурување, никогаш не беа сигурни за  иднината. Бесправната работа по економската криза за нив претставуваше исто така значаен проблем. Занаетчиските организации беа препуштени сами на себе во борбата против таа појава. Само во 1933 г. работеле 116 бесправни мајстори. Против нив биле поднесени само 32 пријави. Меѓу занаетчиските работници имало многу чираци. ,,Тие остекогаш беа малтретирани. Тешко го почувствуваа бездушниот натпревар во експлоатацијата на работната сила. Беа преопуштени на грижата на човекот, кому му беа доверени и зависеа од неговата филантропија и алтруизмот во полна мера,,.

Бидејќи кај повеќето занаетчии беа бездушно малтретирани, чираците не се третираа како човечки битија. Поради лошите станбени прилики и мизерната исхрана, 50 насто боледуваа од стомачни болести и ревматизам. Некои работодавачите се однесуваа немилосрдно и во поглед на отказниот рок. ,,Доколку работодавачите тешко ги еманципираа чираците од старите методи, во кои тие се третираа како добиток, дотолку и чираците бавно и слабо ги чувствуваа современата заштита и современиот живот,,. Одделни мајстори и газди целата работа и изработка ја вршеа само со чираците. Така избегнуваа да вработуваат работници во работилниците. Повеќето занаетчии беа изложени на сурова експлоатација како чираците. ,,Тие работеа со наемнини од парче која беше, многу ниска. Кон таква работа особено пристапуваа шивачките и кожарските работници,,. Ниската наемнина претставуваше основа на капиталистичката куќна работа со која се вршеше максимална експлоатација на жените и децата.

Меѓу двете светски војни во селата силно се разви домашното занаетчиско производство со кое се занимаваа бедните градски жители. Тогаш ,,како занаетите, така и домашното производство, имаше исто право на опстанок,,. Овој вид на занаетчиство беше толку стар колку што заедно се развиваа со нив. Селаните ги иработуваа многубројните производи за свои потреби сами, рачно. Изработуваа сандаци, столови, трпези, грнчарија, дрвенарија, платнени и ленени производи за облека и други потреби за домаќинството. Овие производители работеа толку евтино, колку да преживеат. Бидејќи животот на село беше поевтин, селските занаетчии беа конкуренција на градските, влошувајќи ја положбата на градските. Освен тоа, со усвојувањето на законот заштита на земјоделците, занаетчиите беа доведени во ситуација да не можат да ги остварат тие побарувања. Со тоа се најдоа на работ на пропаѓањето. Развојот на занаетчиството во соодветна мерка го следеше трговијата, која по Првата светска војна почна да се развива ,,во полихаотична состојба која се обележуваше со неверојатна шпекулација со сé и сешто,,. Во кредитните и трговските фирми во 1931 г. беа вработени 1071 лице, од кои само 539 беа самостојни, а другите чиновници работници, чираци и друго. Трговската и угостителската мрежа на дуќани беше прилично заостаната.  

продолжува

Loading