ОСТАНАВ НАДВОР ОД УНИВЕРЗАЛНА, ОТИ СИТЕ КАРТИ БЕА ПРОДАДЕНИ

Живот: Борче Коцески, шумарски инженер и спортски љубител

Внатре се играло дербито Тутунски – Пелистер

1

Иако спортот ни е во најтешка криза, не е тешко да се најде загреан прилепчанец за спорт и денес. Особено од повозрасните генерации. Се сеќаваат на нешто убаво. Таков, бездруго, е Борче Коцески, шумарски инженер, од неодамна пензионер. Се муабети во недоглед, оти близу шест децении е на спортските игралишта. Почнал околу 1960 година.

-Голем беше интересот за фудбалот во тоа време. Стадионот се полнеше. Кога ќе се видеше река народ од сите страни, секој сакаше да појде на фудбал. Насекаде нон-стоп се зборуваше за фудбалот и за Победа. Кога тргнав на училиште, почнав да се интересирам за фудбалот повеќе. Се сеќавам на квалификациите со Ловќен, кога во Цетиње со 0-1 победи Победа и се врати во Втората лига. Борче Ангелески го даде голот. Прво овде одигравме 1-1, а реваншот беше таму. Тогаш, 1963 година, бев на десетина години. Преносот го слушав на радио. Резултатот донесе многу радост во градов – вели Коцески.

Речиси не пропуштал натпревар на Победа. Ги следел и тренинзите. Во пресрет на првенството сакал прв да се информира за новодојдените играчи. Ги памети Истатов, Дрвошанов, Ѓорѓиев, Митев… Гледал заедно со другарите, потоа сите сакале да одиграат како нив на маалските ширинки. Се собирале на просторот каде сега се наоѓа детската градинка Вишне. Победа е инспирација. Ја гледал во недела, а во понеделник купувал весници да види како е известено за тоа што го видел на стадионот.

-Како растиш, се повеќе се интересираш, купуваш разни весници и списанија. Секој ден земав Спорт, во среда Темпо. Следев табели, резултати, извештаи. Составот од Победа немаше да не го читав. Сите го знаевме, оти не се менуваше долги години – со задоволство се враќа на тинејџерските и младите години.

Имало интересни натпревари. Немало шанса да се пропуштат. Ни во празник, ниту во делник. Спектакл е Југославија – ДР Германија, реванш-квалификациски за пласман на Олимпијадата во Минхен. Се играло во среда, на 26 април 1972. Југославија првпат играла под Марковите кули. Првпат се свирела химната. Гледаното на телевизија, било тука. Во синиот дрес биле и Глигороски и Живко Ѓорѓиоски. Се бркал триумф од два разлика, бидејќи претходно е загубен првиот меч со 2-0. Цел град се подготвувал за на стадион. Од работа на фудбал, од училиште на фудбал.

-Ми завршија часовите и да не губам време, наместо дома, директно од училиште појдов на стадион. Се погоди дождливо време. Тураше. Прерано бев таму, можеби два часа пред мечот. Карта да купам немаше уште, а  вратите затворени. Реков преку ѕид ќе прескокам некако. И така, од кај старата болница скокнав внатре. Немаше редари и влегов. Во тој момент ме пресретна некој од обезбедувањето. Имале намера да ги отворат вратите. Ме изнесе низ врата надвор. Картата ја купив и пак влегов. Дождот не запре до крајот. Жива вода ме направи. Ама догледав во преполн стадионот. Имаше пренос на телевизија. Каква телевизија, кај можам да седам дома и да гледам? Не се пропушта таков натпревар – зборува за својот занес, Борче.

Неизбришливи спомени. Не ги заборава генерацијата на Кирил Атанасоски – Бикерес. Неговите голови биле ремек-дела. Од слободен удар тешко да промаши. Ја гаѓал, пајажината, во горниот агол од голот. Неодбранливо. Подоцна се воодушевувал и на екипата во чиј шпиц е Ристо Глигороски, прилепскиот Герд Милер. Ниеден меч не пропуштил до заминувањето на студии во Скопје. Но? Прилеп го напушта, а не и спортитите. Ги гледа и во Скопје. Кај се тие , таму е и тој.

-Таму редовно ги следев и помалите екипи. Две екипи на 11 Октомври сум ги гледал една по друга. Прво помладокот, со Томче рамкарот, Црвески, Чамата. Ги познавав, ми беа другари и не пропуштав да ги гледам. Каде и да играа, на Железарница, на друг стадион во Скопје, секаде одев. Ем ќе се видев со нив, ем фудбалот го гледав – раскажува за студентските денови.

2

И ракометот му е на срце. Имал прекрасни доживувања. Една сабота ги гледа ракометарките, другата ракометарите на Тутунски. Во почетокот од деведесеттите години, за најголемо дерби се сметаше Тутунски – Пелистер. Двата соседни ривала се бореа за првата титула државен шампион на Македонија. Всушност, се играше плеј-оф, прв меч, на 20 јуни 1993. Тоа беше преигрување, бидејќи пред осум дена се прекина мечот кога изгоре салата Македонија. Големо дерби, цел град зборуваше само за тој натпревар. Салата Универзална се преполни. А Борче пред нерешлив проблем.

-Не се сеќавам зошто, но малку задоцнив, а картите продадени. Не пуштаат внатре. Вратите затворени и трибините преполни, Дури и терасите. Не влегов. Имаше тука човек што не пушташе повеќе. Кажа оти нема карти и нема место. Преполно е. Неиздржливо. Ракометот е со акции нон-стоп удари, голови, одбрани. Салата јачи, а јас надвор. Си велев: Ај можеби ќе пуштат, ај сега, ај после. Така останав надвор цел натпревар, а баш тој сакав најмногу да го гледам. Ни со карта да сакаш да влезеш, а не можеш – се навраќа на сцената пред салата.

Кој е натпреварот со најмногу публика? Прилепчаните се постојано во дискусија на оваа тема. Како тогашни гледачи, сами проценуваа, оти нема официјални и прецизни податоци за разрешување на дилемата.

-Во 1979 година, кога Победа играше со Беласица имаше многу публика. Можеби 20 илјади. Со Пелистер 1981 година беше исто. Во поново време, откако се осамостоивме, спектакл беше со Перуџа. На тој меч појдов на стадион многу рано да ги видам играчите уште кога влегуваат в стадион, а потоа истрчуваат на терен. Уште претходниот ден бев на тренингот, кога имаше многу гледачи. Секој сакаше да ги види одблизу Италијанците – спомнува за настанот пред точно 20 години.

Спортското минато е со преполни трибини, а сега? Што се случува со прилепскиот спорт? Во ваква ситуација тешко за спортистите, тешко и за љубителите на спортот.

3

-Без стадион и без фудбал сме толку време. Не можам Победа да ја гледаш. Одам ако разберам дека играат некоја пријателска, на Могила. А ретко се случува. Нема настани. И кога ги има, нема информации. Нема како некогаш плакати низ градот за место, датум, час… Добро е барем на едно место, кај рекламине, да се известува кои спортски натпревари ги има преку викендот во Прилеп – со предлог завршува Борче Коцески.

Работнички – Чинзано

Љубител е и на кошарката. Го проследил историскиот реванш-меч од Купот на европските куп-победници, Работнички – Чинзано воо Скопје во 1976 г. Домашните бркале минус од 23 поени.

-Бев во преполната сала во Градскиот парк. Тренер беше Лечиќ, бек Георгиевски Буштур, центар Радоњиќ… Во еден момент водеа, чинам, со 24 поени, но на крајот не можеа да издржат. Се спуштија до 15 и отпаднаа.

Пред очи – Парлов

Гледал дури и бокс. Во 1975 година најпопуларен е полутешкашот Мате Парлов. Како професионалец во Скопје се борел против Американецот Фриман.

-Мате рушеше сé пред себе. Имаше директен ТВ-пренос. Имав шанса, и појдов во салата Кале. Дождливо време, истура. Билетите изгледа беа продадени преку синдикати, а касиерот ми рече да влезам слободно, оти сé било продадено. Внатре – празна салата. Подоцна се наполни. Седнав во првииот ред, најблизу до рингот. Пред очи ми беше Парлов. Беше подобар и победи. Мечот не се заборава, оти гледав еден прочуен боксер.

Loading