КАПИТЕНОТ Е АДУТ ЗА ОПСТАНОК НА ПОБЕДА

2Спортист за 2018 – Дарко Тофилоски, фудбалски голман

Приоритет ни е задржувањето на прволигашкиот статус и тоа би требало да го оствариме

Од 2010 немавме избрано фудбалер за спортист на градов. Се редеа каратистки, ракометарки и ракометари, шахист. Годинава конечно пак дојде редот на најпопуларниот спорт. Чекавме да се исполнат барем два услова: силна екипа – прволигаш, со истакнат и познат поединец во неа. Минатата година ја имавме Победа како солиден прволигаш, пласирана во полуфиналето од Купот, а во нејзините редови познато име – Дарко Тофилоски, голманот, капитен. Во негови раце е пехарот и дипломата од ,,Зенит,,. Еве го неговиот фудбалски пат:

-Да бранам одлучив од самиот почеток, од најмлади години кога одев на училиште од прво до четврто одделение. Отсекогаш сум ја сакал таа голманска позиција. Бранев по турнири. Од трето одделение почнав кај школата Перак од професорот Зоран Димоски. Три – четири години таму тренирав и потоа ме зедоа во пионерската школа на Победа – се навраќа на детството Тофилоски. 

Рано заминува да тренира во сениорскиот тим на Победа. Го зема тренерот Круме Митрикески во периодот кога главен тренер е Мирсад Јонуз. Тогаш го бараат на сите страни – брани и за младинскиот тим. Со висината и талентот се издвојува од врсниците и затоа ја прескокнува категоријата кадети и оди погоре кај младинците и сениорите. Меѓу возрасните му е мошне чудно, но тренерите се тука да го прифатат, особено Митрикески. Тој е упорен и верува во неговите можности за прогрес. Младиот голман тренира и по два – три пати дневно, како да е професионалец.

4-Со младинците освоивме титула шампиони на Македонија. Во меѓувреме шест месеци побранив за 11 Октомври кога играше во Втора лига. Таму бев на ,,калење,, и тоа не го заборавам. Не се срамам да кажам дека сум бранел и за помал клуб, туку напротив – ми беше од полза оти таму бев меѓу повозрасни од 28-30 години, а јас во однос на нив бев како дете. Многу научив од нив – признава Дарко.

8Во спомен е првиот официјален настап за Победа, полуфиналниот куп-меч со Напредок во Кичево, пролетта 2004 година. Тој меч му е ,,отскочна штица,, затоа што за одбраните добива пофалби од сите страни. Оценет е меѓу најдобрите на теренот. Оттогаш добива поголема минутажа. Во сеќавање му се тренинзите и искуствата од повозрасните колеги, како Завиша Пеиќ, прочуен голман од некогашна Југославија, како и Александар Чановиќ. До летото 2008 година е во Победа со која се претставува на меѓународната сцена. Без двоумење, најдобрата сезона е 2006/2007 кога е освоена шампионската титула под водство на Николче Здравески.

-Потоа се случи заминувањето во странство. Бидејќи претходно имав успешна проба во швајцарскиот второлигаш Шафхаузен, по завршувањето на сезоната заминав во тој клуб. Немам позитивни впечатоци, оти не бранев редовно. Предност имаше 33-годишен Германец. Нормално, заминав, прифаќајќи ја понудата од словачкото Кошице. Таму поминав четири прекрасни години. Со сопругата Весна бевме прифатени како семејство и од Словаците и од Македонците што живеат таму. Не бодреа. Со тимот освоивме Куп, излеговме во Европа. Во спомен е и пријателскиот меч со англискиот Лидс јунајтед, на кој одбранив пенал на Роберт Снодграс, сега член на премиерлигашот Вест Хем. Практично, по тој успешен тест-натпревар, потпишав договор. При пеналот ја сетив страната. Таа сезона од осум пенали одбранив шест – се навраќа на најуспешната печалбарска епизода.

5Следи втор словачки клуб – Ружомберок, кој нуди повеќе. Тоа се случува откако пропаѓа посакуваниот трансфер во Франција, во второлигашот Турс. За овој случај се смета дека менаџерите попречиле, барале повеќе пари. Во одлучувачките моменти неговиот менаџер заминува кај претседателот на Турс да бара повеќе пари, и откако не успева да ги добие, информира дека нема да се потпише договорот. Така трансферот пропаѓа и останува една година во Ружомберок, од каде потоа заминува во Дунајска Стреда и ерменскиот Алашкерт.

-Заминав за Ерменија, во шампионот Алашкерт. Кога појдов се играше 4 коло. Не добив многу шанса, оти на голот беше репрезентативецот од Ерменија. Избранив само на еден куп-меч. Не бев задоволен.Затоа напуштив и се вратив во Победа ланската зима – го објаснува последниот потег.

Во Победа доаѓа во вистинско време, кога таа му треба нему, а тој нејзе. Пролетта беше тешка, но успешна, со обезбеден прволигашки опстанок. Успехот ги подигна очекувањата кон средината од табелата. Сепак, есеноска Победа не се оддалечи многу од дното на табелата.

-Планот беше да тргнеме нагоре, но малку буџетот се намали. Немавме лоша екипа. Сега дали сме послаби не можам да кажам. Ќе каже врамето. Имаме млади перспективни играчи. Шансата е во Купот за излез во Европа, но силите се насочени првенствено кон опстанокот. Би требало да опстанеме – оптимистички заврши Тофилоски.

Иден тренер

-За тренер имам желба. Кога ќе ја завршам играчката кариера сакам да земам лиценца за тренер на голмани. Сакам натаму да останам во фудбалот. Сега-засега добро се чувствувам и гледам на тренинг да давам стоотсто. Оти голман може и на 36-37 години, но зависи дали живее спортски. Ако не живее професионално, може најмногу уште една година, и готово. Мојот план е уште еден трансфер во странство. До лето имам договор со Победа, а потоа ќе видиме. Може во Словачка, каде ми требаат уште шест месеца за државјанство, а може и во друга земја.

Идол Толдо

-Некогаш Италијанецот Толдо ми беше идол. Одлично бранеше во Интер. Сега најмногу ги ценам Де Геа од Манчестер и Алисон од Ливерпул.  Тие се голмани кои знаат добро со нога да играат. Затоа што во современиот фудбал голман ако не знае да игра со нога, не може да брани во голем клуб од рангот на Барселона, Ливерпул, Реал… Го оправдувам честото додавање со голман. Така се прави вишок во играта. Голманот е плус-играч. Во последно време и во нашава лига се форсира таква игра. И нашиов тренер Јане Николоски бара да тргнува акцијата од голманот.

Синовите родени во Словачка

-Имам два сина, тригодишен – Алексеј и петгодишен – Христијан, родени во Словачка. Повозрасниот кога имаше две години беше сликан во весников Зенит како шутира топка на стадион. Сега сака да тренира, за да биде голман. Уште е мал, затоа што овде почнуваат од шест години со тренинзи. Во странство почнуваат порано, од четири – пет.

Читав Зенит во странство

-Зенит редовно го следам последниве четири – пет години. Го читав преку интернет. Се информирав што има најново од сите области, не само од спортот. Благодарам за наградата. Трета ми е. Некаде пред повеќе од десетина години бев меѓу 10 најдобри спортисти на градов. Во Словачка ме избраа за најдобар голман, по сезоната кога го освоивме Купот на таа држава.

Терените проблем

-Терените се проблем. Мора нешто да се преземе, за напредок кај младиве играчи. Нема каде да тренираат. Работат в кал, на нерамнини. Така не се напредува. Голема пречка се. Тренираме на вештачка трева, оти на Могила не е добар теренот. Тешко е без инфраструктура. Не е само Прилеп, туку во цела држава е така.

Loading