ЖИВОТОТ ГО ПОЛОЖИЛЕ ЗА МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА НИВ ГИ ЗАБОРАВИ

Фељтон: Томе Велјановски (2)

klepac

За настаните од Втората светска војна, марулецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг во Шведска, меѓу бројните записи и сеќавања кои ги собрал се и оние за лицата кои животот го положиле за Македонија, а според него  македонската историја ги заборавила. Тој сака да биде забележано, онака како што му раскажувале постарите жители. Неговите белешки ги пренесуваме во оригинал, на разговорен јазик и имаат правописни пропусти.

Со започнувањето на првата балканска војна на четирите сојузнички држави Црна Гора, Србија, Бугарија и Грција против Отоманската империја Турција на 18.10.1912 година, првата топовска граната испукана од српската тешка артилерија се погодила во цевката на турскиот топ кај Куманово. Топот турски експлодирал, почнало како за несреќа на турскиот аскер го фатило паника и почнал да се повлекува. Српската војска поддржана од македонските комитски чети и македонскиот народ на 6. 11. 1912 година во 11 часот дошла во Прилеп. Пречекана од прилепчани со сите почести и пијалок. Принцот Александар Ѓорѓевиќ добил подарок бел коњ од Милан Ѓурлуко.

После ручек српската војска го напуштила Прилеп и тргнала по битолското џаде према с. Алинци за да го гони турскиот аскер кој бил укопан во брегот кај с. Алинци. Кога дошла српската војска кај с. Беровци еден нејзин дел тргнал низ Беровци, Галичани покрај брегот Омец према Алинци. Двете крила на српската војска паднаа пијани, вечерта во мракот се судриле каде што денес се растовара ѓубрето од Прилеп и додека се разберат паднале доста убиени српски војници. И жртвите од судирот со аскерот и овие помеѓу себе Србите му направиле спомен костурница горе на брегот Омец. После Првата светска војна ги преселиле моштите во Црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп. А додека костурницата на Омец ја разрушиле Бугарите за нивното повторно доаѓање. Моштите на паднатите српски војници и ден денес стојат во подрумот на црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп.

Турскиот аскер предводен од Саид Мустафа Паша се повлекол надолу за Битола. Нашите марулци плашејќи се од аскерот го напуштиле селото и се сокриле на повеќе места во Раќа ливада, кај сливите, во орев, во орницата, во пештерите, повеќето во присојот бонечки, зад големите расје биле сокриени Таневци. Ја слушале грмотевицата на топовите кај Алинци. Ама меѓу топовите се слушало кракање и на штркови. Самите си велеле какви се овие штркови.

Не биле тоа штркови, туку кркорењето на митралезите кртешниците. За марулци тоа било првпат да слушнат таков глас сличен на штрковите кога кракаат. Преку ноќта паднал голем снег до колена, луѓето се виделе во мака, во зорт. Еден дел од српската војска од ридната тешка артилерија го зела патот Прилеп – Лагово на Уште и вечарта дошла во Марул. Војската се распослала на чаирот од Павлевци по брег до патчето кај падарница. Војската во селата луѓе не нешла, го нашле Котески Коте, го тормозеле, вино му барале.

Акнале по куќи, собрале сé што му требало за јадење. Исто така ја нашле Ангелејца Петра Јованоска останата со свекрвата Велика Ѓорчејца која ноќта се породила со машко дете. Тоа дете е последно родено во турско, го крстиле Димитрија. Војската српска ги собрала прасињата, живината, маста, сало, жито, покрови за коњите, покрови – лажници, дифтици, черги  итн. Ги запалиле кулите на беговите со се жито од Ремзија од Мемиш Салиоски од Арнаутите негови деленици од Осман бегот Утоски. Селото останало скудно со жито.

Наредното утро марулци се вратиле од засолништата в село и нашле во селото крстарење на воена милиција. Имало повеќе постари марулци кои носеле турски капи со пискули. Српската полиција му наредувала: Баци та капа турачка! Луѓето земи ја капата од глава и чинеле бакни ја. А тие нервозни со повишен тон викале: Немој да љубиш, баци, нагази! Значи овде се гледа дека марулци немале доразбирање во зборувањето, исто мислење со српските војници.

Преку денот српските воени власти му наредиле на селаните преку српскиот коџобашија Колески Стојан да ги донесат сите рала марулци на падарница. Откако ги собрале ралата на падарница Србите ралата ги поставиле со потезите нагоре помеѓу топовите за да изгледа многубројни со тоа го лажеле турскиот аскер.

Српската воена команда постарите марулчани преку Колески Стојан, Митре и Ѓорче Грујоски, Атанас и Ристе Танески, Митре и Јован Мурџески, Боше Колески, Ѓорче Јанкоски, Јован Павлески и други за да кажат како поминувале во животот со канатларчани а топовите навртени на с. Канатларци за да го срамнат со земјата.

Повиканите, прашаните марулци на падарница ја потврдиле вистината за с. Канатларци: Господине, с. Канатларци е со население од турски народ. Имаме неколку наши луѓе тепачи, сега се тие луѓе заминати со аскерот. Тие тепачи кога излегуваат во заседа излегуваат по наредба на власта, тие не ги прашуваат жителите на селото дали да убиваат или не. Немојте да го изгорите с. Канатларци, таму има невини луѓе, деца жени, стари. Ние се познаваме со канатларчани. Сме биле таму момочиња, сме паселе волови, овци, говеда. Теќишаните се Турци со христијански адети и не сакаме да го запалите с. Канатларци. Таков бил одговорот на марулци во одбрана на с. Канатларци. Командантот на српската артилерија ги послушал марулчани и на таков начин било спасено с. Канатларци. Српската војска на Бакарно гумно, Алинци и Марул седела единаесет дена, ја чекала тука грчката војска да дојди да се сретнат тука за да ја потврдат границата. Према нивниот договор границата требало тука да биди, битолско поле да и припадни на Грција, а додека прилепското поле на Србија. Грчката војска не можела да пробие нагоре до Бакарно гумно. Српската војска тргнала надолу преку реката Шемница према Битола. Двете војски се сретиле под Битола и ја направиле границата каде е денес границата меѓу Република Македонија и Грција.

Амдија бегот марулски, четири дена пред да дојди српската војска кај Бакарно гумно, Алинци, Марул со коњот, со дисаѓите на коњот го собирал борчот во пари. Ги лажел луѓето да собира пари во готово да му платат , му нуделе златни накити, трчајќи по него по падарница, ага да се платиме. Тој ги одбивал поради што немало место за такви работи: Кога ќе дојдам поново, ќе се платиме!

Амдија бегот во Марул го оставил сиот имот и сточното имање: 70 грла крупна стока, 200 кози, 250 овци и заминал со аскерот, никогаш повеќе не се вратил во Марул. Момците се разбегале, крупната стока: волови, говеда, крави, коњи, магариња останале врзани за јаслите гладни и жедни почнале да рикаат.

Продолжува

Loading