КРАЛИ МАРКО МЕЃУ СДСМ И ВМРО – ДПМНЕ

Kral marko zenitГо ставија Крали Марко на среде Прилеп. Народот му се израдува како свој. И Марко пак се роди и се врати. Уште ноќта, му рече на верниот коњ Шарец.

-Сакам да слезам меѓу мојот народ и да видам како живее по толку време.

-Немој господару, рано е. Можеби имаш уште непријатели. Да не ти се случи нешто лошо. Почекај – одговори мудриот коњ.

Се сложи Марко и остана на местото.

Долго време не го напушташе желбата да се сретни со прилепчани. Една вечер незабележано го слече оклопот, го одложи боздоганот и слезе. Се сврти лево – десно. Гледа многу народ околу.

-Да не се спремаат за некоја војна – помисли тој. Никој не го забележа старецот со големи мустаќи како се движи низ народот. На клупите имаше седнати многу старци, слични на него.

Одеднаш, група луѓе почна да вика – ,,Долу ВМРО, долу ВМРО,,. Марко го праша првиот човек до него.

-Што е тоа ВМРО?

Човекот со чудење го погледна.

-Како што е, партија, македонска. Некогаш не ослободиле од Турците.

-Зошто викаат – ,,Долу,, кога свршиле таква работа.

-Да не си играш мајтап со мене – врати човекот.

По некој миг, истата група вика – ,,Долу Грујо, долу Грујо,,.

-Овој Грујо, е некој Турчин – прашува Марко.

-Каков Турчин, стари. Не треси глупости. Изгледаш ко пијан?

Марко повеќе не праша ништо, ама и ништо не разбираше.

Дојде друга група луѓе кои гневно гледаа накај првите и силно викаа – ,,Долу СДС,,. Не се осмели пак да праша, ама му се чинеше дека овде наскоро ќе има  џенк.

-Не е на арно ова. Народов како да е раскаран како некогаш – помисли.

Во дуќан во чаршијата седеа десетина души пиејќи нешто од чашите во рацете. Мислеше дека е некоја меана. Грлото му беше суво од ветриштата и правот што ги поднесуваше околу себе. Посака да го исплакне. Одамна ништо не се напил. Внатре здогледа шише со неговиот лик.

-Што е ова – го праша момчето крај шанкот.

-Како што е, Крали Марко, убаво прилепско пиво.

-Дај ми едно – возбудено рече и се напи неколку голтки.

Се напи Марко и убаво му дојде. Чашата не беше чабурлија ко неговата. Притури неколку пати од задоволство.

-Извади алтан од џебот да плати. Го подаде на детето.

-Што е ова – свика тоа.

-Абе, земај го, златно е – му дофрли друго момче.

Го погледна чудно стариот и го пикна алтанот в џеб.

Надвор се слушаа повици – ,,Маркови внуци, маркови внуци,,. Истрча и виде група весели момчиња. Срцето му заигра од радост.

-Јас сум Марко – му рече на најблиското момче.

-Мило ми е. Јас сум Владимир.

-Ама јас сум Крали Марко, вашиот дедо!

-Ако си ти Крали Марко, јас сум Владимир Путин – смеејќи се му рече.

-Навистина сум -додека никој веќе не го слушаше.

-Ќе го тепаме Пелистер – викаа момчињата.

-Златни внучиња мои – се гордееше Марко и помисли.

-Овој ќе да им е некој непријател, како Муса Кесеџија или Црна Арапина – помисли.

-Тепајте го деца. Ќе поможам, само да го зема боздоганот.

-Стари, ти да не не си салам – му свика некој.

Марко виде двајца како турски заптии. Му секна борбениот дух. Помогнат од пивото, се нафрли на нив. Полицајците лесно го совладаа. Со лисици врзан, го потера кон полициската станица. Беше лут и разочаран и помисли.

-На булук Турци не се давав, а сега ме сардисаа двајца Македонци. Ех времиња?

Таму го пречека човек, слично облечен како нив.

-Што направи старецов – праша.

-Нé нападна двајцата – рече едниот.

-Јас сум Крали Марко и че тепам сé што е против народот мој.

-Да не си пратен од другине да прајш сколободии – му текна на другиот. Главниот го одмери стариот од главата до петиците и откако му засмрди здивот на пиво, почна да се смее.

-Овој салам е назвекан. Нека поседи некој саат да отрезни, па пуштете го.

Затворен во една соба размислуваше.

P5300193-v1-800x445

-Арно ми велеше верен Шарец. Овде имам многу непријатели.

Длабоко во ноќта чекореше кон местото каде што го чекаше коњот.

-Како помина господару мој, го праша.

-Лошо. Требаше да те послушам.

-Како е народот?

-Никако, како порано, раскаран. Ќе си ги извадат очите еден на друг. Никогаш повеќе нема да се вратам таму – рече и си го стави оклопот и се качи на коњот.

-Ништо не те бендиса – праша Шарец.

-Само виното. Занданите не се ко турските лоши. И не маваат таму.

Осамна наредното утро и Крали Марко пак беше на местото каде што  стоеше пред тоа. Никој не разбра за ноќната прошетка. Се беше исто, само лицето му беше некако понамуртено и понабраздено. Остриот поглед му беше свртен кон Маркукуле.

Славчо Бунте

Loading