ЗРНО ПО ЗРНО – БРАШНО!

Приказна за воденичарите

vodenica

Воденичарот работи без спиење, дење-ноќе кога има жито. Само малку поддремнувал. Водениците мелеле и до 600 килограми жито за 24 часа. Посебно по жетвата, од јули до ноември. Се чекало и по два дена да се стаса на ред за мелење.

Воденичарите обично живееле покрај водениците. Биле домаќини, кои покрај бавчата, за прехрана “ранеле” и кокошки, прасиња, пајки и слично. Воденичарењето главно бил семеен, наследен занает. Запрежни коли од селата без вода биле редовна слика пред водениците. Секоја побогата фамилија имала своја воденица. Во Чумово имало пет, Штавица,  четири, а имало и во Прилепец и Волково.

Старите воденичари велат дека новите електрични млинови мелат подобро и побрзо. Затоа исчезнале водениците кои биле дрвени.

Има разлика  меѓу млиновите и водениците. Воденичките камења се различни да може да го мелат житото. Едниот е мек, а другиот лут камен. Се мелело “мајчино брашно”, за леб. Со посебно поместување на каменот. Се мелело појадро сточно брашно. Водениците потсетуваат на сиромашно време, кога лебот бил речиси единствена храна на  синија.

Во прилепско “клокотеле” камените воденици, изградени во месноста Поводеници. Биле стари и по сто години. Биле функционални до 70-тите години. Мелеле на вода со два воденички камења во иста просторија. Од јазот водата течела во седум-осум метри голема бука, од која истекувала и удирала на колцето, кое ја вртело и осовината и го вртело каменот. Каменот имал дупка во која паѓало житото, зрно по зрно, од горниот кош, и се добивало брашно за во вреќа. Штом ќе се испразнел кошот ѕвонело ѕвончето да се стави жито. Ако нема жито, каменот се запирал да не врти, а водата си течела. И порано и сега уемот бил во “игра”. Тое е цената за мелењето односно килограмите пченица што се оставале за плаќање на мелењето.

Млиновите  денес се модерни.

Воденици имале Петре Маја, Дано, Петре Кривио, Џорџимајковци, Пурдевци, Алавантиовци, Мурговци, Небрежанци, Присаѓани, воденицата од Коста, Шабановци, Цаковци и други. Млинови имале Самаковци, Тамбевци, Мргевци, Млинот на петте другари и други.

Loading