ЧОВЕКОТ ШТО ГО НОСИ ФЕНЕРБАХЧЕ ВО ПРИЛЕП

Живот: Масаро во срцето го има турскиот гигант

Некои во спортот се заради пари, а тој – заради огромната љубов

Masaro

Масаро беше легендарниот италијански фудбалер од осумдесеттите и деведесеттите години, а за неговото име често да се спомнува и ден-денес придонесува кичевчанецот со прекар Масаро, чие вистинско име ретко кој го знае. Сите во државава, што го следат фудбалот и малиот фудбал, знаат за кого се работи. Дури и во службените записници од турнирот ,,Свети Никола,, едноставно е запишано – Масаро Легенда, менаџер на екипата Фенербахче. Од италијанскиот Масаро до турскиот Фенербахче, која е врската?

-Многу одамна, во почетокот на деведесеттите, го добив прекарот Масаро. Тогаш играв во кичевскиот третолигаш Фенербахче, име кое в срце го носам од дете, бидејќи сум страстен навивач на турскиот Фенербахче. Некаде од пред 25 години почнав да патувам и да го гледам саканиот тим насекаде, дома и на гости. Толку многу имам патувано, што точна бројка не можам да кажам. Пред две години отворивме во Кичево фан-клуб, катче каде што се собираме сите навивачи, а прв гостин ни беше фудбалерот Елиф Елмас. Имаме контакти со тамошните фан-клубови. Можам да си признам дека не 100 отсто, туку 110 отсто сум најголемиот навивач. Затоа што лесно е да бидеш навивач од Истанбул, каде немаш никакви трошоци, а плаќаш евтина годишна влезница од 200 евра. Не е лесно да се биде фан одовде, бидејќи плаќам превоз, хотел, влезница, трошам денови. Ми велат: Да знаат тие од клубот дека има ваков навивач, би имал многу привилегии и слично, но не сум таков да се наметнувам. Гледам во животот да правам сé по регуларен пат: како за сите, така и за мене – вели Масаро. 

Навива за Фенербахче, а има свој Фенербахче, екипата во мал фудбал. На прилепскиот турнир беше една од најдобрите и најатрактивните: манекенски дотерана, како вистински професионална, со комплетна жолто – сина опрема од турскиот прволигаш. Двата модела со кои настапи се најнови, од сезоната 2017-18. Не како други што им даваат XXL, ами секому таман според големината, да му прилега, да се чувствува убаво. И дрес и шорцеви и патики. Играчите се одбрани: од Куманово, Скопје и Велес. Порано земал и прилепчани, како Горан Тодоровски, Тони Наумоски, Николче Здравески, Илија Несторовски, Зоран Даноски, Гоце Груевски, Бразилците Жилсон и Оливеира, Гоце Седлоски, Марјан Стојкоски… Учествувал насекаде: Скопје, Гостивар, Кичево, Велес, Радовиш, Миравци, Јосифово… Прилеп никогаш не го пропушта.

Masaro prv gore odlevo so Gruevski Zilson i Oliveira

-Учествувам поради љубовта кон Фенербахче, кон малиот фудбал и желбата за дружење. Така запознавам безброј луѓе, пријатели.. Непроценливо богатство. Со задоволство на прилепчаните им поделив чадори и дресови. Уживам во тоа што го сакам од срце. Има такви што просперираат со нечесни работи, што го сакаат спортот заради пари. Таков е животот, но јас го правам ова од љубов. И тука сум затоа што сакав да бидам во овој град. Впрочем, моментно најдобар турнир е прилепскиот – со добра организација, награди и многубројна публика. Затоа и в година ќе дојдам – 100 отсто – ветува Масаро.

Големиот спортски фанатик ни открива дека неговата приврзаност кон Прилеп датира од некаде 1996 година. Бил страстен навивач на Победа кога за неа играле неговите сограѓани Игор Николаевски и Раде Каранфилоски. Бил чест гостин во клубот и се запознал со фудбалската и спортската фела под Марковите кули. Каде одела Победа, таму и тој. Ја гледал насекаде.

-Играа Жилсон и Оливеира. Нема веќе такви странски играчи. Гледав многу мечеви, со Перуџа, со Парма, со Ризе… И ден-денеска ги чувам влезниците. Победа ја имаше најдобрата екипа – заврши Масаро.

Две награди

На турнирот во Прилеп Фенербахче го освои 3 место, зад Марфил и Зоки лим. Меѓу поединечните награди (покрај најдобар играч за Мартин Тодоровски и голманската за Иван Стојановски од Марфил), најдобар стрелец е Дарко Ранготов од Фенербахче. Но, би рекле дека Масаро заслужува и трета награда – најголем спонзор во малиот фудбал.

Loading