Прилепските уметници Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска, кои живеат и творат во Скопје, се дел од авторите учесници во проектот насловен „Мојата уметност е мојата стварност“, во Риека. Организацијата е на институтот „Гете“ и Францускиот институт во Хрватска, со поддршка на германско-францускиот фонд „Елисе“. Изложбата се стреми да ги преиспита видливоста и положбата на уметничката практика на Ромите како интегрален и рамноправен сегмент во европскиот културен простор. Проектот истражува и ревалоризира прашања на меморијата на насилничкото минато и помирувањето низ изградба на заедничка иднина во Европа.
Покрај нашите уметници со свои дела учествуваат и творци од Хрватска, Франција, Србија, Босна и Херцеговина, Словачка, Унгарија, Канада и од Германија.