“Лирско интермецо” од Љупка Галазка Василев

Изложба

Дваесетина дела во акрил и комбинирана техника на платно, создадени последниве години од Љупка Галазка Василев ќе биде содржината на изложбата што ќе биде отворена во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” на 10 септември од 19 часот. Наловот е “Лирско интермецо” што претставува колаж од сликарски секвенци преку кој се материјализираат нашите стравови, копнежи, желби и очекувања.

– Делата се  отсликување на човечката душа, нежна и кршлива, а во исто време толку моќна – вели авторката.

За творештвото на Галазка Василев, м-р  Ивана Настески, ќе рече дека е суптилно и повеќеслојно, еднакво, како што и зрачи нејзиниот изглед.

– Делата се меѓу апстрактното и реалното, како во некој одреден миг да се спојуваат сонот и јавето. Во палетата доминираат земјени тонови, окер, портокалова, кафева или жолта, претежно хармонизирани, но со јасни и видливи елементи на контрастните бои, сина, зелена или виолетова. Низ мноштвото богати нијанси ѕиркаат децентни чипкасти, налик невестински детал и, обрабени со бела боја и благо заоблени. Умешно се комбинираат боите и цртежот, тонскиот фон и цртачкиот сегмент. Станува збор за едно творештво во кое се вклучени сите елементи, кои чинат една раскошна композиција од бои, линии, преку тонови или тонски скали. Уметницата умее суверено да владее со четката и сликарското платно. Таа ги чувствува своите сликарски предели, кои напати делуваат мистично или тајновито, а всушност тоа се слики кои се гласни и звучни – вели Ивана Настески, м-р по графика и графички техники.

Галазка Василев дипломирала на Ликовната академија во Софија. Професор е по ликовна уметност во Струмица. Имала повеќе групни изложби. Автор е на десетина самостојни изложби во земјава и во странство. Била учесник на ликовни колонии и на едукации.

Loading