ВОН – ПРОЕКТ НА ЖАРКО БАШЕСКИ

Nov proekt na Baseski

Вечерва  од 20 до 23 часот во Музејот на Скопје прилепскиот уметник и професор Жарко Башески ќе го претстави новиот проект насловен Вон. Станува збор за нештата во кои се задлабочуваме и се токму тоа што не вади…вон живот.

-Денешниот начин на комуникација и добивање информација нѐ заробува во бескрајна јамка на виртуелни конекции и нѐ дисконектира од вистинскиот свет, оној физичкиот, оној што мириса на дожд, земја и трева. Ова е време во кое со свои очи сведочиме генерации кои се претвораат во зомби, комплетно консумирани од лажни вести, наслови – мамки за кликови ,,лајкни и сподели”, култура, следење, отследување, твитер и инстаграм драма, лажно совршенство, недостапни цели, страв од тоа да не се биде доволно добар на интернет, додека реалната страна, во позадината на тоа, престанува да биде важна. Луѓе започнуваат врски за гледаност и лајкови, луѓе патуваат за повеќе следачи, луѓе купуваат неверојатно скапи куќи и автомобили за ,,претплатници” и најголемиот дел од нас се ,,дрогираат” со туѓа среќа за која првенствено не знаеме ниту дали е вистинска. И тогаш сфаќаме дека ниту имаме време ниту пак идеја како да ја изградиме нашата. Ние сме живи, секако, но навистина ли го живееме животот на ваков начин? Дали е ова лош сон или лоша реалност од која треба да се разбудиме да ги поставиме нештата како што треба? Кога станаа нештата волку лоши? Туѓото мислење е толку важно и вредно да ја смениме нашата вистинска природа. Ги гледаме луѓето како валута и туѓите лајкови како доказ за нашиот успех. Будни сонуваме да бидеме некој кој не сме ниту изградени да бидеме. Се споредуваме со големите инфлуенсери на социјалните платформи. Комплетно се губиме во свет на бројки и нотификации. Сосема сме вон допир со реалноста! Има ли начин да се најде баланс? – се вели во објаснувањето за најновиот проект на Башески, кој пред повеќе години беше прилепски и македонски претставник на Венецијанското биенале.

Loading