ПОЧИТ ЗА ХЕРОИТЕ

17 години непребол

Карпалак 2018

DSC 0538

На десеттемина прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Депотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски, припадници на резервниот состав на АРМ, кои загинаа на 8 август 2001 година кај месноста Карпалак, на патот Скопје-Тетово, Прилеп по 17. пат им оддаде почит.

За семејствата на загинатите непреболот останува. Сестрата на загинатиот Љубе Грујоски, Елица Дамческа упати апел ниту едно друго семејство да не преживеа ваква трагедија

– Секоја година е тешко. Кога ќе се наближи 8 август, станува неподносливо. Ги загубивме родителите, тешко е. Мојата порака е: никогаш ова да не се повтори. Ниедно семејство да не ги преживува ваквите болки и трагедии – рече Елица Дамческа.

На бранителите им треба бесплатно здравствено осигурување, но и почит, рече Игор Петрески, претседател на здружението Карпалак и учесникот на трагичниот 8 август 2001-та, Благоја Сливоски.

– Главно, останува нашето барање за бесплатно здравствено лекување на сите бранители, а и вработувањата – рече Петрески.

Сливоски побара да бидат почитувано и порача политичарите да ги остават на мир.

{AG}511/karpalak{/AG}

Беа посетени вечните почивалишта на загинатите, на гробиштата во прилеп и во населените места.

Пред спомен – плочата се поклонија семејствата на загинатите бранители полагајќи венци и свежи цвеќиња.

Главното чествување беше пред споменикот во центарот на градот. Бројни делегации, од кабинетот на претседателот на државата, од Собранието, Владата, од Министерството за одбрана и АРМ, од локалната самоуправа, семејствата на загинатите, здруженија, политички партии и граѓани положија свежи цвеќиња пред споменикот Карпалак на кој се врежани имињата на 10-те загинати бранители.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, десетемина, кога и беа потребни на државата, застанаа храбро на браникот на слободата, ги положија животите, ја вградија саможртвата во иднината на оваа земја.

– Оваа колективна жртва на Прилеп од 2001-ва, нека биде опомена и порака, со преговори и во мир и слобода да ги решаваме сите отворени прашања на патот на политичката битка, по кој што чекориме и денес. Како народ судбоносно сме исправени пред искушенија, и постојано пред нови битки. Но, целта ни е трасирана и веќе чекориме кон НАТО и Европската Унија. Да ги тргнеме заканите и злото, да го направиме последниот исчекор што ќе значи заокружување на вековната битка што ја води државата, за да се вгради во сите современи европски текови – рече Јованоски пред спомен обележјето во центарот.

Утрото на празникот Света Петка  делегација од Владата, од Општина Прилеп, од здруженијата на бранители, семејствата и граѓани положија свежи цвеќиња оддавајќи им почит на загинатите бранители на местото на убиството. Се одржа панихида за загинатите во црквата Света Петка.

Loading