ТРЕТО ДОБА (погрешно)

ivce1Мошне често ги слушаме изразите – „Трето доба“, „Жолто лисје“ и други такви. Еве уште една грешка од овој вид. Се пуштала некаде, во некој град, нова фабрика. Зборува министерот, односно вице-премиерот за економски прашања. Арно ама, фабриката била почната да се гради во некое друго време, од некоја друга влада. Претставник на претходната власт критикува и вели: ,,Владата се кити со туѓо перје,,. Слична грешка како оние што ги набележавме погоре. Зошто, на голем број луѓе, па и на оние кои се должни да го знаат литературниот јазик, им се провлекува оваа грешка? Мошне често! Зар е тешко да се разбере дека именката ПЕРЈЕ е во множинска форма? Ако е така, а така е, тогаш зборот треба да гласи дека владата се кити со ТУЃИ перје, а не со ТУЃО перје. Ако е едно, ќе биде ТУЃО перо, а штом се многу ПЕРЈЕ (збирна именка), тогаш е сосема јасно дека ќе биде ТУЃИ ПЕРЈА (може и перје). Се разбира, во таквиот случај и придавката ТУЃА ќе биде во множина – ТУЃИ.

Многу приказни на нашиве телевизии. Толку многу, што тоа е за приказ. Не се доброваат. Грешките јазични, уште повеќе од тоа. Покрај многуте, овојпат ќе набележиме само една. Не сме ја чуле одамна. Некој цар требало да биде убиен, поточно, заклан. Со брич. Обидот не успеал. Царот, разбеснет му се обраќа на извршителот и му вели: ,,Веднаш да ги кажеш имињата на заверениците,,. Секој актер треба да биде свесен за оваа грешка, режисерот уште повеќе, а лекторот најмногу. Ова не е грешка за која би се рекло дека е некаков локализам, дека произлегува од некој дијалект, дека е некој локален збор. Како може (особено лекторот) да не знае дека зборот ЗАВЕРА не е наш, го нема во нашиот јазик. Според тоа, и именката ЗАВЕРЕНИЦИ е погрешно употребена. Кај нас именката гласи ЗАГОВОР (не завера). Според тоа, тие што учествуваат во ЗАГОВОРОТ се ЗАГОВОРНИЦИ, а не ЗАВЕРЕНИЦИ. Рековме дека одамна не сме ја слушнале оваа грешка, но, ете, учесниците во приказната нé потсетија дека таа сепак е присутна во нашата комуникација.

Се случи трагедија со извесни наши планинари кои го загубија животот некаде на Кајмакчалан. Новинарката не известува дека паднале од бездна. Мислевме дека станува збор за случајна грешка. Но таа се повтори. Каква нелогичност. Може да се падне ВО бездна, а не ОД бездна. Веројатно на новинарката не и е познато значењето на зборот БЕЗДНА.

Преку ТВ емисиите и лекарите се чести гости во нашите домови. И од нив сме се изнаслушале разни грешки. Во една контактна емисија, се јавува извесна госпоѓа и го прашува нешто докторот, за некои симптоми што ги чувствувала. Докторот ја прашува дали има грозница. А зошто не ТРЕСКА докторе? Грозно, во нашиот јазик значи нешто грдо, гадно, одвратно. Грозно е и тоа кога слушаме редовно вакви и слични грешки.

Ќе споменеме уште една грешка од друг лекар, гостин на ТВ. Докторот беше специјалист по кожни болести. Објаснуваше некои симптоми за болести на кожата. Вели дека во таквата ситуација болниот чувствува голема узрујаност. А што значи тоа УЗРУЈАНОСТ? Па тоа е ВОЗБУДЕНОСТ, ВОЗНЕМИРЕНОСТ. Тоа се нашите зборови со ова значење. Ете, докторот употребува туѓ збор – УЗРУЈАНОСТ.

Кога сме веќе кај докторите. Разговор меѓу доктор и новинарка. Нешто, во врска со шеќерната болест. И докторот и новинарката употребуваат термин – ДИЈАБЕТИЧНО СТОПАЛО. А зошто СТОПАЛО, зошто не СТАПАЛО? Како што треба. Нели стапнуваме на стапалото, а не на стопалото.

Ќе стапнеме ли еднаш цврсто врз нормите и правилата на нашиот јазик?                                                                     

Loading