МАРУЛ ВО „МАТИЧНИТЕ“ КНИГИ (9)

Screenshot 1Фељтон: Белешките на Томе Велјановски

– Со цел да ги заштити од заборавот, марулчанецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг, во Шведска пренесува податоци за венчавките, склучените бракови и карактеристични настани. Изнесените факти се според сеќавањата на Велјановски. Записите се оригинални, со правописни грешки и дијалект.

Број 7: Вдовици од с. Марул со деца или без деца што заминале во други населени места

1. По убиството на Стојан Павлески во август 1900г. во долчето пред чешмата Шопур од страна на канатларските крвници Иславци и Пирдиовци, Стојаница со име непознато која е ќерка на Трајко Танески – Топчиоски од с. Бонче, убиецот на бегот Чочано во с. Бонче, оставила пет деца. Петко, Боне, Илија, Стојна и Ристана ги оставила кај стриковците Јован и Петре Павлески и се премажила за с. Бучин. Стојаница со бучинскиот маж имаше едно машко дете по име Коле. Коле имаше дојдено повеќе пати кај Павлевци за да види каде живеела мајка му. Стојановите деца се удомени. Петко и Ристана немаат потомство. Шнајдеро Димче курназо во Прилеп беше син на Илија Павлески од с. Марул.

2. Откако канатларските убијци Исламовци и Пирдиовци го отепале Петре Колески пасејќи ги овците во местото Ушите, неговата жена Петрејца Дуна од Шкарлановци од с. Бонче си го зела детето единче Стојко и се премажила кај Шапковци во с. Бонче. Петрејца Дуна кај Шапковци нашла едно дете, девојче по име Сребра. Кај Шапковци, Петрејца Дуна не била среќна во бракот. Се разболеле со шапкоскиот маж и умреле двјацата. Децата Стојко и Сребра останале сирачиња без ничија заштита. Немале каде да одат за помош. Колевци од Марул ги зеле во Марул. Тука израстиле. Сребра се омажила во прилепско Алинци, додека Стојко не нашол брачна другарка, останал калуѓер. Стојко животот го помина во заедница со Колевци Велевци. Стојко почина без потомство на 87 години во март 1968 година кај Колевци.

3. Се засакале младите, ергенчето Павлески Стојанов Петко и девојката Мурџеска Јованова Менка. Петко сирак, по татко му Стојан отепан, мајка му ги оставила, се премажила во с. Бучин. Домашниот имот бил недоволен за пет деца. Едноставно Мурџевци не сакале нивната девојка Менка да се мажи за Петко. Ама љубовта е жар на душата. Менка се решила и побегнала за Петко Павлески. Диме Мустре од с. Чумово му бил зет за сестра на татко и на Менка, се викала Благуна. Повереник во ВМРО му дал поддршка на Мурџевци. Стојан, братот и на Менка и братучед и Ристе Мурџески отишле кај Павлевци. Им ја скршиле влезната врата и Менка ја извадиле после една недела. Невестата Павлеска Менка станала вдовица, од со маж, останала без маж. Мурџевци набрзина Менка ја омажиле за Ѓорѓија Томески во с. Галичани. Канатларските тепачи ја искористиле расправијата меѓу Мурџевци и Павлевци. На првичето кога иделе галичанските првичари во Марул, Исламовци и Пирдиовци ги истепале првичарите во местото Марулско калуѓерски ливади во 1908 година. Постарите Марулци толку што беа лути на властите што водачот на тепачите на првичарите Рустем Пирдиоски кој живееше до 1956 година во Канатларци, не го зедоа на сослушување зошто беше поводот за убиството на Колески Петре на Павлески Стојан на првичарите, а со невини Македонци ги полнат затворите. Ѓорѓија Томески и Менка Мурџеска одгледаа три деца, сите имаат свои потомства.

4. Вдовицата Ристејца Гулабоска се премажува во село Будаково,  битолско. Бегот марулски Амдија Лазески бил турски агент за да направи скандал меѓу сложните Гулабовци еден ден ги натера неговите момци и аргати во стените односно речено во сечени камења да вадат воденички камење во Гулабоската стена. Гулабовци се организирале. Огне, браќа му Ристе, Мијале, Велјан, Димитрија, Толе домазето Николев отишле во стената Гулабоска каде тие почнале да работат камење, ги набркале момците на Бегот Амдија Лазески. Амдија таа навреда што му ја направиле Гулабовци не му ја заборавил и мислел на каков начин да му се одмазди.

Гулабоски Ристе отишол на печалба во Америка. Откако се вратил Ристе од Америка, Амдија пуштил пропаганда дека парите Ристе Гулабоски што ги запечалил во Америка му ги дал на комитите за пушки и пиштоли. Во летото 1907 година Ристе си иди со запрежната воловска кола натоварена со снопје за вршење. Амдија пуштил шест момци наоружани со вилите железни како што работеа во гравот. Го пречекуваат Ристе Гулабоски во песокот зад денешната куќа од Блаже Танески и почнаа да го тепаат. Ристе снажен ја извадил набодната од снопјето, се дал во одбрана. Сепак шест со еден не е исто, го совладале Ристе. Тој се дал во бегство раскрвавен покрај оградата на бегот Емин, денес Колеско со пиштење за помош кон Павлевци. Слушнал Петре Павлески, Стојан, Крсте, Боше, Ризо Колески и други. Ристе бил одбранет, ама претепан. Добил внатрешно крварење. Оттогаш Ристе не кренал глава, во 1908 година Ристе Гулабоски умрел. Неговата жена била од Стајковци од с. Бонче. Нејзиното име не е познато. Останала вдовица со две деца Анѓеле и Гулаб. По извесно време Ристејца си ги зела децата и се премажила во Будаково. Ристејца во Будаково го свршила – верила постариот син Гулаб. Гулаб верен набргу умрел. Заради него се разболела мајка му и таа умрела. Анѓеле остана сам, сирак. Се главил момоче кај Боше Пупески во с. Добрушово, му ги пасел овците една деценија за корка леб. Му излегла прилика, Анѓеле оди домазет за Менка Менкароска во с. Долно Српци близу Беранци. Анѓеле Гулабоски од с. Марул животот и староста ги дочека во с. Српци. Остави свое потомство. Така заврши трагедијата на Ристејца Гулабоска – бончанката.  

Свекорот на Ристејца, Стеван Гулабоски бил прочуен ораџија, имал специјални чизми со прапорци за играње на орото трчаното и куцаното. Од жал за синот, Ристе ослепел и после две години 1910г. умрел на шеесет години старост.   

Продолжува

Loading