На дел од вработените во образованието и градинките им завршија договорите
Околу 90-тина фамилии останаа без егзистенција чии членови беа наставници во средните и основни училишта или пак вработени во детските градинки. По 31 декември на нивно место биле примени несоодветни замени. Тие протестираа пред општината со претседателот на СОНК, Јаким Неделков и претседателот на Регионалниот одбор на СОНК од Прилеп, Златко Думбалоски. Бараа средба со градоначалникот Илија Јованоски. Тврдат дека ги исполнувале сите критериуми, дел од нив работеле и по 6 години, но на нивно место биле вработени други.
Поранешните вработени во детската градинка обвинуваат дека иако имало решение од министерката Мила Царовска да им се продолжат договорите прво до 28 февруари, а потоа да добијат на неопределено, тоа не било испочитувано. Според вработените, по закон сите кои имаат над 2 години работа во установата требало да добијат решенија на неопределено време. Обвинуваат за политичка дискриминација и оставање неправедно на улица.
Општината и градоначалникот Илија Јованоски тврдат дека немаат ингеренции во кадровските решенија во училиштата и градинките.
СДСМ: Партиски синдикалец
– Предупредувавме дека регионалниот координатор на СОНК е кадар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ и посочувавме на неговата партиска улога. Златко Думбалоски не ја крие партиската припадност, за што постојат повеќе слики каде тој присуствува на партиски средби, состаноци и собири на ВМРО-ДПМНЕ -рече Филип Попоски од СДСМ
Думбалоски: На работ на кривично дело
– Треба ли тоа да го сфатиме дека без дозвола на СДСМ не смее да се користи основното граѓанско право. Никакви притисоци и манипулации кои се граничат со кривично дело, нема да ме спречат, нити заплашат понатаму цврсто да стојам во одбрана на работниците – истакна Златко Думбалоски, претседател на Регионалниот одбор на СОНК.