НЕ ПИЕ ВОДА 43 ГОДИНИ, А 50 ГОДИНИ Е ЦРВЕНО – БЕЛ

Менде Димески – Џаиќот е двоен феномен

Наместо вода, пие четири литри пиво на ден

Се мие со затворена уста за да не му влезе вода

Живее во црвено – бела боја заради фудбалерот Драган Џаиќ

zivot492

Уште по надворешниот изглед необичен, а кога се разговара со него произлегува дека е и многу чуден човек. Таков е Менде Димески – Џаиќ, 64-годишен пензиониран стаклар. Две работи раскажуваат за него – водата и облеката. Иако водата е живот, живее без неа, а животот му е во црвено- бела боја!

Водата во приказнава е важна оти – не ја пие. Од далечната 1975 година, ни капка не внесол во устата. Претходно и не можел да се воздржи од овој пијалок оти бил во војска. Морал нешто да пие, а што друго освен водата во ,,чутурици”. Идејата за живот без вода се реализирала по враќањето од војска.

– Докторите ми рекоа дека ако сум пиел вода ќе фатам камен во бубрегот. И Перо Димески, докторот од Физикална. Бев кај него, не како пацинет, туку како пријател и во муабетот ми спомна за ризикот од водата. Го послушав и се свртив на пиво – вели Менде.

Како издржува, само тој знае. Се редат години и децении. Секој ден – пиво. Денот му почнувал со пиво и така докрај. И немал никаква штета. Бил одличен пријател, комуникативен, никој да не сети дека е консумент на алкохол. Не трпела работата, туку останал вреден и ценет стаклар, баран од муштериите.

– Докажано е дека едно пиво ако се напиеш на гладно срце, исто како да си испил две јајца живи. Заситува. На сабајле, исто како да си поручал. Дневно пијам по четири литри пиво. Секој ден така 43 години. Немам никаква мака. Има некој, ќе се опијани и не знае да зборува. Јас ништо, ни да се поправам, да се здебелам, ништо. Цело време ваков сум, со иста тежина – се фали Менде.

2

Како му минува денот на човек што не пие вода, туку само пиво? Како издржува? Ако му се припие вода, што тогаш? Тогаш си пие пиво! На планина ако оди? В ранец може друго да нема, ама мора да има пиво. Без пиво Џаиќот никогаш не останал.

– Зошто јас пијам пиво, кога другите ,,обичните” луѓе пијат вода?. Можеби штедат пари. Не сакаат да прават трошок. Нека си пијат, нивна работа. Јас си продолжувам со пиво – кажува Менде.

На телевизија секој ден има кампања против алкохлолот. Тоа очигледно треба да важи за за луѓето што имаат мака од пивото. Друго е за оние на кои им годи. Инаку зошто би се произведувало?

Прилепчани не биле случајно прочуени производители и консументи на пивото. Затоа и ,,Пивофест”, од каде имало порака за Менде.

– Пред неколку години, кога беше ,,Пивофест”, се испрати порака до сограѓаните: ,,Штедете вода, пијте пиво!”Јас и пред тоа и потоа си пијам само пиво. Друг алколохол и пијалок нема за мене, само пиво – вели Менде.

Водата сепак е неизбежна. ама само за миење. И тука, кога се мие, Џаиќот внимава. Не сака ни капка да влезе внатре во организмот.

– Водата ми е само за миење. Се мијам со затворена уста за да не ми влези вода в уста.

За Џаиќот да се опише неизбежен е црвено-белиот белег на неговиот животен пат. Цел живот носи само црвено – бела облека. Се е поради љубовта кон саканиот фудбалски клуб – ФК Црвена звезда од Белград.

– Носам црвено – бело зашто амблемот и дресот на Звезда се црвено – бели. Покрај неа си ја сакам и Победа, исто така црвено – бела. Носам црвено – бела облека, сета од Џаиќ, сета оригинал и уникат. Нема никој во државава – се фали Менде.

4

Се е оригинал на него: дресови, тренерки, капи… Ништо нема купено, се е подарено од Џаиќ. Само еден дрес не е негов, од Просинечки. Му го дал во Бари, Италија, по финалето со Олимпик, 1991 година. Сета друга опрема е од Џаиќ. Животот му е љубов кон тој клуб. Првпат ја гледал Звезда во 1961 година, кога на пријателска гостувала во Прилеп, а и следната година за Куп. Во 1968 година избегал од училиште за да се сретне првпат со вистинскиот Џаиќ, во Белград, по мечот со Фиорентина. Џаиќ му дал автограм и членска навивачка книшка.

– Зачестија патувањата кон Белград и други места каде што играше Звезда. Пари не трошев за друго, само за Звезда. Во Скопје кога играше со Вардар, не пропуштав. Во Штип појдов 1978 кога играше за Њујорк иглс на пријателска со Брегалница. Како да знаев дека нема да дојди наредниот ден во Прилеп, со Еузебио и Шекуларац – објаснува страстниот навивач Менде.

Господ сакал војниот рок да го служи во Белград, 1974 и 1975 година. По обуката од четири месеци, останатите 11 месеци го пуштале да ги гледам сите натпревари на Звезда. Гледал и  тренинзи. Го носеле со кампањола. И старешината бил за Звезда.

Тренерки, патики, радио, постери, се е црвено – бело и во стакларскиот дуќан и во домот на Менде. И олуците таму се црвено – бели. Цел живот е црвено – бел. И на свадба е во црвено – бел костим. И спие во црвено – бело. Се заради Звезда и Џаиќ.

– Од 1968 наваму имав многу средби со Џаиќ. Најчести беа кога служев војска во Белград, а и оттогаш наваму сигурно уште десетина пати сме се виделе. При секоја средба ми даваше книги, знаменца, автограми, значки… Ми даде и капитенска лента со знаменце, оригинали со кои истрчал на центар – раскажува Менде.

Последната средба била пред некоја година кога Србинот дојде во Скопје во посета на Дојчиновски. Во меѓувреме контактираат по мобилен телефон.

– Имам негов телефонски број, мобилен. Се слушам и не го давам тој број на никого. Наскоро сакам да одам во Белград и да се видиме пак – вели Менде.

Менде Џаиќот го оставивме во неговиот стакларски дуќан, испраќајќи не со пораката: ,,Дури сум жив ќе бидам црвено – бел и нема да престанам да пијам пиво!

ПРЕКАР ПО ВЕСНИК

Прекарот го добил кога бил прва година средно економско. Го завикале оти читал само ,,Звездина ревија”. И ден – денес ги чува весниците. Прекарот му го дал еден мајстор-стаклар од Кривогаштани, Пеце Клачко. Кај него одел на пракса.

– Постојано зборував за Звезда и Џаиќ, а тој: ,,Аман со тој Џаиќ. Престани!”. ,,Не можам мајсторе. Политика не ме интересира, само фудбал”, му се правдав и така ми го залепи за цел живот прекарот – кажува Менде.

Славниот фудбалер му останал во срцето за навек, како и прекарот.

ПИВО МЕСТО АПЧЕ

Не е битно кај Џаиќот и докторите што велат.

– Јас сум доктор сам за себе си. Мене пивото ми е убаво и си го пијам. Ни сок, ни вода, никаков друг пијалок. Пивото го пијам со задоволство. Си ,,густирам” полека, преку цел ден. И дома, и некаде в чаршија, в кафеана, секаде само пиво. Никогаш во животот не сум бил болен. Апче се немам напиено – вели Менде.

Цел работен век не користел боледување.

МЕНДЕ ЏАИЌ – ДРАГАН ЏАИЌ

За што разговара Менде Џаиќ со Драган Џаиќ. Двајцата се познати, едниот како навивач, другиот како фудбалер и фудбалски функционер.

– Тој за мене знае се. Колку јас за него, толку и тој за мене. И име и презиме, она што и 80 отсто прилепчани не го знаат. Живее на Карабурма. Имам појдено двапати. Убава куќа има. Тој и како фудбалер и како човек е за восхит. Најголема ѕвезда, а мирен, повлечен, не е ,,кренат”. Со секого разговара, многу спортски живее, без алкохол и цигари. Таков човек нема да се роди – вели Менде.

Се слушаат само да се поздрават, да разменат информација за здравјето.

Loading