МАРУЛ ВО „МАТИЧНИТЕ“ КНИГИ (9)

Фељтон: Белешките на Томе Велјановски

Screenshot 1

– Со цел да ги заштити од заборавот, марулчанецот Томе Вељановски кој живее во Гетеборг, во Шведска пренесува податоци за венчавките, склучените бракови и карактеристични настани. Изнесените факти се според сеќавањата на Велјановски. Записите се оригинални, со правописни грешки и дијалект.

Број 6: Домазети вдовци и ергени појдени од с. Марул во други населени места

5.Петрески Велјанов Аце Бабјак оди домазет за вдовицата Чона во с. Маково. Петрески Аце е роден 1904 г. во с. Мусинци, умре 1992г.во с. Маково. На Аце Бабјак прва жена му е Јанкоска Ристева Велика, земена е бегалка. Велика била кај Аце помалце од една недела. Ристе Јанкоски, татко и на Велика, незадоволен е од тоа што Ванѓел, братот на Аце, за жена ја има Јованоска Мара. Мајката на Мара Ангелејца, Петра е премажена за Јанкоски Ристе. Велика и Мара доаѓаат како присестри. Во тоа време, и на тоа се гледало. Затоа таткото на Велика се одлучил и ја извадил ќерката Велика од кај Аце Бабјак и ја премажил за Секулоски Мите во с. Ношпал. Аце се преженил за друга жена Трајана од с. Путурус, не донесла свое потомство. Не е познато од која фамилија била таа. Аце со втората жена Трајана има едно дете, девојче родено во 1935г. крстено Алтана. Во 1940 година Трајана, жената на Аце, се разболува и по кратко боледување умрела. Аце наоѓа вдовица жена во с. Маково пои ме Чона. Си ја зема малата Алтана Аце и оди домазет за Чона. Аце и Чона имале промешани деца и природиле. Сите деца ги удомија и тие имаат свои потомства. Аце беше весел човек, гајдаџија и ораџија, умира на 88 години во Маково.

6. Ј. Новачески Димитријов Божин оди домазет за Ристејца Божиноска Петкана во с. Бонче. Божин е второ родено дете на родителите Димитрија и Петра во 1905г. Божин по раст низок, а како работник е силен човек, голем работник. На орање одел со два ѕевгари волови. Со едниот ѕевгар Божин ќе ора, другиот ќе одмора и обратно. По природа Божин бил пргав, заватлив, немирен човек. Неговата работа се гледа по тоа што сите денешни ѕидани објекти во Димитријоскиот двор и место, камењата се носени од Божин. Куќата во која што денес седи Гоце Димитријоски направена е во 1940 година. Ѕидот наоколу куќното место е божиново дело. Божин немал среќа во младоста, се оженил во поодминати години, за Стојна Аџиоска од с. Чумово. Излажена  е Стојна  Аџиоска да се омажи за Новачески Божин преку тетка му Митра Крстејца Бапкоска. Ја извадиле Стојна за Божин бегалка да ја носи во с. Штавица. Откако го заминале селото Штавица, Стојна го прашала Божин: Чичко, го заминавме с. Штавица, каде сега ќе одиме, каде ќе ме носиш? Божин и одговорил: Те земам за мене! Од многуте родени деца од Стојна, преживеана е само ќерката Петкана, родена во 1934 година. Во 1942 година Стојна Божиница се разболела и по кратко време умрела. Причината за нејзината умирачка била во тоа што спрема кажувањето на постарите, си ги надродила годините во бракот со Божин. Секое летенце, детенце. Откако му умрела жената Стојна, Божин си ја зема малата Петкана и оди домазет за вдовицата Ристејца Петкана Божоноска во с. Бонче. Таму наоѓа деца од првиот маж на Петкана, Ристе. Новачески Божин кај Божиновци во Бонче се потруди да ги изгледа и удоми сите мешани деца. Божин трудот што го даде по нив не му беше признат. Живееше понижен, тевтишен. Неговата ќерка Петкана се омажи за Ќиро Сејменоски во с. Бонче. Божин почина на Божик во 1960 година на 55 години.

7. Петрески Велјанов Кристо Бабјак оди ерген домазет за Степаноска Иванова Стојна од с. Лопатица. Во дваесеттите години после Првата светска војна Степаноски Петрев Иван од с. Лопатица, прилепско го главил момоче Петрески Велјанов Ванѓел Бабјак од с. Марул за да му ги пасе овците. Ванѓел се покажа многу интелигентно дете. Има контакт со сите Лопатичани. Овците ги имал како да се негови, ги одржувал за најубави во с. Лопатица. Овците каде ги паси низ полето, свири со гајдинската сурла, местото го весели и сето лопатичко поле. Ќе излезел на сред село кога имало собор на некој верски празник, Ванѓел ем гајдаџија, песнаџија и ораџија, сите лопатичани биле задоволни од неговиот однос и интелигентност. Откако му заврши договорот на Ванѓел да момокува кај Степаноски Иван, Ванѓел се врати дома кај татко му Велјан во Марул. Ванѓеловиот однос и култура, Иван ги завиткал в крпче, ги ставил во џебот. Кога порастиле Ивановиве две деца девојчиња, Иван и Иваница решиле за постарото девојче Стојна да земе момче домазет. Иван самиот рекол: Ако земам домазет, ќе земам само од кај Велјан Бабјако од с. Марул. Степановци го зеле домазет за нивната ќерка Стојна дваест ичетири годишниот Кристо Бабјак, братот на некогашното момоче Ванѓел Бабјак. Кристо доаѓа домазет кај Степановци во 1944 година. Кристо како Кристо гајдаџија, ораџија, весел човек за комуникација, со сите подеднакво како дома, така и со надворешниот свет. Ама куќниот економски план многу е поразличен отколку од брат му Ванѓел. Домашниот план во работата оди надолу. Иван дедото од таа видна точка се разболува и за кратко време умира. Иваница останува вдовица. Кристо си тера по свое. Во 1945г. се роди првото дете. Кристо не ја менува неговата навика. На пазарот поевтино продава, поскапо купува. Иваница бабата имала зачувано жолти пари и ги снемало и таа од мака се обеси. Некаква интрига измисли дека ѓаволот или вампирот ноќе на таванот им тропал, можи тоа била и Иваница. Кристо куќата во Лопатица ја продаде за ниска цена, се пресели во с. Канатларци. После некоја година се пресели во с. Ерековци. Кристо и Стојна одгледаа три деца и ги удомија. Таков беше животот на Петрески Кристо Бабјак од 1920 г. до 2001 година, умре во Ерековци.

Продолжува

Loading