ВЛОГ НА МНОГУ ВРЕМЕ И ЕНЕРГИЈА ВО ПОБЕДА

Фудбал: Ветувачка посветеност на новата Управа

– Доведените 11 нови играчи ќе треба да докажат дека се засилувања

FK Pobeda

Денот по утрото се познава, а успехот во Победа по првите потези се наѕира. Работите одат напред.  Се гледа во расположението, ведрината на лицата кај фудбалерите и тренерите.  Посветена е новата Управа, помогната од компаниите – основачи и спонозори и Општината. Исплатена е првата плата, подмирени заостанатите долгови. Можеби за побогатите клубови ова не е вест, но за прилепскиот прволигаш значи многу.

– Првата плата сезонава беше многу битна да се задржи довербата со играчите и тие да се изборат за соодветен резултат. Лична амбиција пролетва е шестата позиција, со цел за новата сезона да разговараме за наредни цели. Задоволна сум од тимот. Работевме интензивно, без опструкции. Потрошивме време и енергија, оти почнавме доцна. За кус период се консолидиравме – рече Ирена Јакимоска, в.д. претседател.

Вродија плод напорите за засилувања. На списокот се дури 11 нови: голманот Тофилоски (Ерменија), бранителите Колевски (Новаци), Јаќимовиќ (Србија), Велкоски (Скопје), Петкоски (Победа В.) Исаевски (Македонија ЃП), за врска Лога (Струга), Спиркоски (Еуромилк Скопје), напаѓачите Ивановиќ (Црна Гора), Лукас (Бразил) и Даноски (Чешка). Од планот отпадна само Србинот Грбовиќ.

– Колку што се сеќавам Победа во зимски преоден рок не довела 11 играчи. Колку ќе бидат засилувања, ќе покажат резултатите. Мислам дека 90 отсто од задачите ги остваривме. Жалиме што не успеавме да го доведеме и Грбовиќ, кој имаше проблеми со документацијата. Нема наша вина, туку е недоразбирање меѓу него и бившиот клуб Партизан. Со расположливите играчи ќе играме и очекуваме максимум – порача Јане Николоски, спортски директор.

Управата го направи своето и на ред се тренерите и играчите. Иако седумте тест-натпревари не беа позитивни во резултатите, сепак очекувањата се големи. Во најмала рака барем да се избори опстанок, што е остварливо со оглед на седмото место од есенската полусезона. Оптимизам има.

  – Не истакнувам поединци, оти з колективот е сé. Да се донесе голман како Тофилоски или напаѓач како Даноски, тоа се засилувања. Платата е исплатена, долгот исто така, што е огромен плус. Тоа е знак дека клубот оди. Да ја оствариме задачата треба трпение. Хендикеп е што не играме во Прилеп – истакна. Славољуб Бубања, шефот на стручниот штаб.

Победа во средата одигра во Турново со Пелистер (1-1), а в недела е гостин на Вардар.

Проблемот не е во ФФМ

Што се случува со работите на Градскиот стадион “Гоце Делчев”? Конечно детектиран бил проблемот. На средба во ФФМ било речено дека проблемот не е во ФФМ, туку случајот со стадионот е проблем за ФФМ, затоа што од сите пет проекти кои добијаа средства од УЕФА, само прилепскиот не е завршен. Тоа предизвикува неможност да се аплицира за нови проекти од УЕФА. Конкретно – во одобрението за градба агрегатот за струја што е клучен и битен, поставен е на место каде што има веќе постоечки објект. Најавено било дека ќе се направи промена на планот за целиот проект да продолжат работите.

Надежен рок е дека теренот ќе биде на располагање во август.

Loading