И КАЈ ЈАЗИЧАРИТЕ ГРЕШКИ

ivce1Понекогаш, мошне ретко, ќе се појави на телевизиите некоја емисија од областа на јазикот. Не многу опширно, не многу темелно, сепак ќе се каже нешто. Ќе се прокоментираат некои јазични неотпорности. Гледаме емисија. Учесници – неколку госпоѓи. Едната, мошне позната презентерка, а за другите, не се сеќаваме. Од контекстот, се насетуваше дека нивната професија е поврзана со јазикот, со литературниот јазик. Од разговорот, повеќе произлегуваше критика за секојдневните грешки отколку нивниот правилен говор. Едната од госпоѓите, доста револтирано зборува за јазичните грешки што ги слушаме постојано, а употребува израз: “Позади мене”. Оправдано е тоа што ја нервираат туѓите грешки, но еве, ние се нервираме за нејзините. Немаме таков збор (прилог) ПОЗАДИ. Може да биде ОДЗАДИ, ЗАД МЕНЕ, но никако не ПОЗАДИ.

Другата госпоѓа (веројатно јазичар) многу се револтирала кога слушала грешки од оние кои се “бават” со таа проблематика. Оваа грешка ја слушаме доста често. Глаголот БАВИ (се) кај нас значи нешто сосема друго. Значи дека некој работи бавно. Во случајов, треба да се рече СЕ ЗАНИМАВА. Значи, некој што се ЗАНИМАВА со таа проблематика, со јазикот, не треба да прави такви јазични грешки. Ете, и госпоѓата се “бави” со тој проблем, но прави голема грешка. Значи, се ЗАНИМАВА, а не се БАВИ.

Едната од нив употреби реченица со груби грешки. Вели: “Сојуз на просветни работници се бира”… Оваа реченица би гласела: “Сојуз на просветните работници се избира”… Глаголот БИРА кај нас секогаш е префиксиран. ИЗБИРА, СОБИРА, ПРЕБИРА, ОДБИРА, а никако не – БИРА. Придавката ПРОСВЕТНИ треба да биде членувана – ПРОСВЕТНИТЕ. Имаше кај “загрижените” госпоѓи за јазикот и многу други грешки. Особено во акцентирањето. Многу погрешни акценти.            

Ќе приведеме уште една грешка, многу честа, зачудувачки. Во скопскиот говор, речиси, го нема прилогот ОВДЕ. Тие постојано велат ТУКА. За ова сме се изјаснувале и порано, но сега повторно го подвлекуваме, бидејќи односната емисија беше токму за јазикот, а односните госпоѓи изразуваат загриженост за многуте јазични грешки. Едната од нив употребува реченица: “Зошто ме викна тука”? А сите тие се наоѓаат во студиото. Наместо да праша: “Зошто ме викна овде”, таа вели ТУКА. Како што слушаме редовно, нели?! Завршува емисијата и новинарот ќе ни рече: “Тука ја завршуваме емисијата”, наместо “Овде ја завршуваме емисијата”.

Во нашиве телевизиски програми, народни приказни, колку ти душа сака. Во една таква приказна, двајца актери носат некакви вреќи. Ги оставаат на определено место и едниот вели: “Овде вреќиве на никого не му сметаат”. Го повторува тоа повеќепати, а не знае дека нам многу ни “смета” неговата грешка. ПРЕЧИ, а не СМЕТА. СМЕТА е математички поим. Актер треба да го знае тоа!            

Loading