ЌЕ ПИЕМЕ ЛИ ПОСКАПА ВОДА?

Ги очекува ли прилепчани нов ценовен шок после Нова година?

– Од 1 јануари цената ќе биде повисока за 5 до 10 отсто, а пак од мај со новата давачка за пречистителната станица, дури за 30 отсто.

c1

Наместо да им лизга студената голтка вода на прилепчани, може ли да очекуваме да им застанува в грло, да ги гуши и стега затоа што најверојатно од 1 јануари ќе пијат поскапа вода. Цената ќе биде повисока за 5 до 10 отсто, а пак неофицијално од мај граѓаните ги очекува и нова давачка и со што цената ќе биде повисока за 30 отсто заради пречистителната станица. Регулаторната комисија на Македонија, за ЈКП Водовод и канализација од Прилеп донесе решението за утврдување на тарифи за водни услуги на седницата одржана на 24 ноември, а објавено на 29 ноември според кое се утврдува просечна тарифа за водната услуга снабдување со вода за пиење или водоснабдување и тоа: за 2018 година во изност од 33,51 ден./м3, за 2019 година во износ од 34,24 ден./м3 и за 2020 година во износ од 34,65/м3.

Моментната цена на водата за пиење е 26 денари за метар кубен, што значи дека од почетокот на наредната година прилепчани ќе пијат поскапа вода. Семејниот буџет ќе биде оптоварен уште со една, нова давачка која ќе треба да се воведе заради ставањето во функција на пречистителната станица. Ќе треба да се плаќа надомест за прочистување на отпадните води. Со новата цена за метар кубен вода за која конечната одлука ќе треба да ја донесе Советот на општината и со новата “дажбина” просечниот износ на сметката која ќе доаѓа од ЈП “ВИК” ќе биде според непотврдените пресметки, повисока дури за 30 насто. Како ќе се одрази зголемувањето на износот и тоа за една третина врз џебот на прилепчани, ќе почувствуваат на сопствена кожа иако во предизборната кампања тогашниот кандидат на колацијата кој ветуваше живот во Прилеп, а сега актуелен градоначалник Илија Јованоски, ветуваше дека ќе ја поефтини  водата и тоа за 20 отсто. Значи ли тоа дека ќе има вода, но прилепчани ќе бидат жедни, бидејќи ќе штедат на голтката и секоја капка вода.

CIMG2562

Кој и зошто ќе ја коригира цената? Регулирањето на цената на водата е процес од пред година иполовина кој го води ЕУ преку Министерството за животна средина како последица на состојбата што се вложени големи средства во водоснабдителни објекти кои се изградија, но некои ЈП немаа капацитет да ги одржуваат. Преку консултанти скенирана е состојбата и изработени се бизнис планови врз кои јавните претпријатија аплицираат, а комисијата анализира и донесува решение. Покрај давачката за дистрибуција на водата, одржување на фекална и атмосферска канализација, трета ставка која ќе ја плаќаат граѓаните ќе биде за пречистување на отпадните води. Тоа ќе биде нова давачка, која најверојатно ќе се воведе во мај, а која ќе ја оптовари сегашната цена. Според познавачите на состојбите, тоа ќе значи поскапа вода за 30 – 40 отсто, односно од 12 – 13 денари плус на кубик.

CIMG2563

– Сега еден метар кубен е 26 денари. На пример, и при минимално покачување, односно 28 денари за метар кубен, плус износот за канализацијата и пречистителна, сето собрано, ако едно семејство на троши 10 м3 вода и сега сметката му изнесува околу 300 денари односно со трошоци 347, во мај ќе биде 520 денари, а по Нова година околу 400 денари. Регулаторната комисија ја определува минималната до максималната,  29 односно 35 денари или пак средна цена 33 денари, цена за граѓаните и цена за правните лица кои сега плаќаат 47 денари за кубик. Се планира до 2020година – објаснува експерт за водни услуги.

CIMG2564

Одлука за цената на водата мора да донесат советниците на седница, дали ќе биде максималната со планирани вложувања, инвестиции во нови линии и слично, со приоритети врз основа на бизнис планот. Неизвесно е како ќе ја прифатат услугата која не ја гледаат за пречистителната станица, а од друга страна треба висока свест и  далекусежно гледање за чиста животна средина.

Охрид, Куманово, а од неодамна и Струмица се градовите кои имаат колектори односно пречистителни станици. Охриѓани плаќаат плус 25 денари од м3 за прочистување на водата.  

Граѓаните се чувствуваат изманипулирани и прелагани од предизборните ветувања на СДСМ дека ќе се намали водата. Според експертот, настапите беа популистички, тресени од ракав, без пресметка, дури и невозможни во услови и кога цената би останала иста односно непроменета.            

Loading