МОСТОВИ СО ОШТЕТЕНИ ОГРАДИ – РИЗИК ЗА ВОЗАЧИТЕ

most

Небезбедната ограда на мостот на улицата „Александар Македонски“ на излезот од градот по стариот пат за Битола и тесното мовче на, фреквентната со товарни возила, улицата „Трајко Николоски“ се кошмар за возачите поради оштетената заштита. Тенките извиткани и истуркани безбедносни цевки кон коритото на реката, кои треба да бидат брана за сигурно одвивање на сообраќајот, неколку месеца никој не ги забележува дека и натаму се опасност по учесниците во сообраќајот. Последиците од некоја сообраќајна незгода, за жал, уште не се отстранети и демнат некое друго возило да заврши во реката со, не дај боже, трагични последици како што пред неколку месеци еден возач загина на мостот кај Центропромет.

Новата структура на локалната власт речиси еден месец не успева барем времено да ја подобри безбедноста со поправка на заштитната ограда на двата моста ако нема доволно време за подологорчна и темелна интервенција. Барем мала екипа од неколку заварувачи можеа, ако не повеќе, да ги вратат цевките на оградата во првобитната состојба, да не се случи, особено тесниот мост кај Центропромет да биде фателен не само за возачите, туку и за пешаците. Грижата за безбедноста на граѓаните е примарна обврска на локалната самоуправа и во секторот на сообраќајот. Итните мерки на тоа поле се нужност, зашто непосакуваните реперкусии се непредвидливи.    

Поранешните локални власти одговараа дека поради изборите не смеат да преземат зафати на санација на оштетените огради или пак да преземаат проектни ангажмани за сериозни инвестициски потфати на преминот преку реката. Единствено го реализираа преминот на реката на пешачкиот мост кај музичкото училиште пред изборниот стоп.

most1

Граѓанска лопата против барата

Цветко Јовчески, кој живее во близина на мостот кај Центропромет, ја зеде лопатата и копачот в раце да направи бразда и да истече големата бара која им предизвикува проблем не само на жителите на населбата Сточен пазар, туку и на возачите. Во отсуство на надлежните служби и во неповолни временски услови, самоиницијативно со едночасовно копање, тој направи пропуст на водата до коритото на реката, бидејќи, кака што вели, тој и жителите од населбата не можеле да преминат од едниот до другиот брег на реката преку мостот поради огромната вода која се минува само со чизми. Не се жали Цветко на вложениот труд, туку ги замолува службите да интервенираат и да им овозможат нормално движење при дождови. Апелира на брзи интервенции, затоа што на мостовите минуваат деца кои одат кон училиштата. Тие не само што можат да бидат изводенети, туку се загрозува и нивната безбедност.

Loading