ГЕРМАНЦИТЕ РЕШЕТАА, А НИЕ БЕЗ МУНИЦИЈА

Д-р Илија Башески, учесник во борбите за ослободување на Прилеп

7 Dobitnik na najvisokata gardska nagrada vo 1976 godina - d-r Ilija Baseski

Деведесет и едногодишниот професор по географија Илија Башески е еден од преживеаните учесници во борбените активности на партизанските чети за ослободувањето на Прилеп. Потсетувајќи се на тие денови Башески вели дека пред конечното ослободување имало напад на Институтот за тутун.

– Борците од мојата прва и втората чета на Спиро Забрчанец слеговме кај сегашните гробишта. Знаев една длабока бразда. Таму се скривме. Спасив повеќе лица. Германците со митралезите го ораа ридот. Ние немавме муниција. Против нас беше и месечината. Полна… Спиро Забрчанец загуби една третина од четата. Јас со другите слегов долу во реката. Подоцна зедов една десетина од четата и бидејќи го знаев теренот, низ левиот ендек од патот дојдов до мостот. Имаше Германец кој го следеше теренот. Почна да гаѓа. Бевме легнати. Пукаа и со минофрлачи, но бидејќи бевме легнати немаше последици. Не загина никој. Напред не можеше да се оди. Се вративме назад. Дојде Спиро со десеткуваната чета и отидовме кај боровите. Легнавме да се одмориме. Некои стражареа. Утрото забележавме дека дојде кола и ги собра Германците. Ние слеговме кај Институтот. Видовме селани од Мажучиште кои итаа кон Институтот. Рекоа дека Германците заминале и одат да соберат сé што оставиле таму. Командата на четите отиде на Трескавец. Ни рекоа ако има борци да се соберат и да појдат таму. Се собравме и заминавме на Трескавец. Таму се одморивме. Чекавме инструкции за понатаму. Добивме задача да видиме што се случува кај Заград, каде имаше бункер преку кој Германците го контролираа кичевското џаде. Пукаа од таму, но набрзо ги снема. И тие си заминаа. Подоцна добивме наредба да слеземе во слободен Прилеп. После тргнавме за демирхисарско, да ја ослободиме Битола – се присеќава Д-р Башески.

Вели дека на четата í се приклучил по првото ослободување на Прилеп на 9 септември. Претходно дејствувал со скоевските групи во градот. Сите биле многу среќни што конечно го ослободиле Прилеп, што придонесле за неговиот развој.

Башески е горд што пред многу години ја добил деветтосептемвриската (сега трето ноемвриска) награда. За придонесот што го дал за развојот на науката, на градот во 1976 година ја добил деветтосептемвриската награда.

Loading