Прилеп, градот првоборец и херој во текот на 1944 година на двапати беше ослободуван. Првпат на деветти септември, слобода која траеше десет дена. Но, Германците повторно успеаа да го освојат. Второто и конечно ослободување е на трети ноември.
Трети ноември пред 73 години стана светол ден за прилепчани и за целиот македонски народ, бидејќи се остварија вековните идеали на народот за слобода. Денес со гордост прилепчани го одбележуваат овој ден како значаен празник.
Слободата пред повеќе од седум децении ја донесоа борците на 41-та и 42-та дивизија на НОВ на Македонија. Во борбените активностите, како што пишува во книгата за ослободувањето на Прилеп, учествувале и Петтата македонска народноослободителна бригада – прилепска, 10-та бригада, 9-та бригада, 11-та и 7-та бригада, кои смело јуришале од сите правци кон градот, каде имало стационирано голема армија на Германците кои се повлекувале од фронтовите од Грција.
– Германците стационираа големи сили кај Институтот за тутун, кај Плетварско џаде, кон Кукул и кон Гробиштата. Борбените дејствија започнаа на 28/29 октомври и траеа до 3 ноември. Во шестдневните борби херојски гинеле борци. Своите животи ги загубиле 230 борци – сведочат во книгата преживеани напаѓачи на градот.
Денес на загинатите им оддаваме достојна почит. Почитта за хероите, загинати на олтарот на слободата на Прилеп треба да се негува со генерации и секогаш да биде на највисоко место.
-Не треба да се заборава никој, иако има негаторски сили кои ја девалвираат НОБ. Ним тоа не смее да и се дозволи. Ова света борба за слобода не може со никакви негации да се избрише. Јуначките борби засекогаш остануваат славни. Негирањето е гнасен чин на ретроградни сили, на лица кои не мислат добро за градот и за неговиот просперитет – стои во сведоштвата на преживеаните борци.