ПРОТЕСТ ЗА ИСПЛАТА НА ПЛАТИ И ПРИДОНЕСИ

Вработените од Еурокомпозит – 11 Октомври

eurokompozit-protest

Исплата на петнаесет плати и придонеси за здравствено и пензиско осигурување бараат над 270 вработени од наменската фабрика Еурокомпозит кои во понеделникот го прекинаа производството и еден час го блокираа влезот во Прилеп кај Лукоил. 

Немаат земено плата од јануари. Неплатени се придонесите за пет години. Бараат исполнување на последниот договор меѓу компанијата, Синдикатот и Владата за постепена исплата.

Прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит” е едиствен загубар со нерешен статус. Државата е целосен сопственик.

– Речиси цела година немаат добиено плата, пет години не им е платено пензиското осигурување. Очекуваме континуирано средби со раководството на фабриката и со претставници од Владата и како последен загубар не треба да се „пушти низ раце”. Ќе направиме сé да се најде мирно решение на проблемот – вели Лазар Ангелески, претставник од Гранковиот синдикат за енергетика, метална индустрија и рударство,

Според претседателот на основната синдикална организација Петар Чурлиноски, преку протестот се бара исплата на заостанатите плати и спроведување на договорот постигнат пред неколку месеци меѓу Владата, „Еурокомпозит”, синдикалната организација и Гранковиот синдикат за енергетика, метална индустрија и рударство.

– Од почетокот на годинава не се исплатени плати. Имаме добиено само дел за јануари. Инаку, пет години не ни се плаќани придонеси за пензиско осигурување, а има неисплатено и заостанати шест плати од 2013 година. Повеќе не може да живееме без пари, не може ниту сметки да платиме. Ветувањето со договорот пред неколку месеци беше дека редовно ќе се исплаќаа парите, но не се исполни. Ни беше ветено дека плати ќе ни се исплаќаат во јули ( на 5 и 25), и во август (на 15 во месецот). Оттогаш добиве само еднаш, дел за јануари. Новиот директор ни најави дека ќе добиеме, но досега ништо од тоа – изјави Жарко Талески, вработен во „Еурокомпозит”.

Новиот директор на „Еурокомпозит” Александар Кузески не го оспорува правото на штрајкот на вработените бидејќи ситуацијата во „Еурокомпозит” е тешка со години. Според Колективниот договор дел одделенија треба да работат за да се испорача договореното, на пример, со МВР. Во тек се преговорите со владата за поголем пакет средства од кои да се исплатат дел плати, да се исполни договорот постигнат со МВР. Во тек се преговори за работен ангажман со МВР и Министерството за одбрана и со странски партнери.

Во „Еурокомпозит” има 270 вработени.

Loading