ЗРНО ПО ЗРНО – БРАШНО!

Приказна за воденичарите

cache 5871156

Воденичарот работи без спиење, дење-ноќе кога има жито. Само малку поддремнувал. Водениците порано мелеле и до 600 килограми жито за 24 часа. Посебно по жетвата, од јули до ноември. Се чекало и по два дена да се стаса на ред за мелење.

Воденичарите обично живееле крај водениците. Биле домаќини луѓе, кои покрај бавчата, за прехрана “ранеле” и кокошки, прасиња, пајки и слично. Воденичарењето главно бил семеен, наследен занает. Запрежни коли од Подмол, Радобил, Мажучиште, Плетвар, Никодин, Беровци биле редовна слика пред водениците. Секоја побогата фамилија имала своја воденица. Во Чумово имало пет, Штавица, четири, а имало и во Прилепец и Волково.

Згасна и пурдеската воденица

Големите млинови ги згаснаа не само воденичарите, тилу и малите електрични мелници. Исчезнаа и воденичките камења и ножовите – чекичари. Модерното време однесе сé пред себе. Познавачите на мелниците и водениците велат дека денешниве млинови и поедноставнии побрзи. Мелат околу 1500 – 2000 килограми на саат, а старите само сто кила.

Жалаат потомците за исчезнатата воденичарската традицијата. Затоа што објектите исченале и не се претвориле во мали музеи на минатото или ресторани во автентичен амбиент. Причините за исчезнувањето на воденичарскиот занает лежат во окрупнувањето на модерните млинови.

Инаку, млиновите и водениците се разликуваат. Водениците потсетуваат на сиромашно време, кога лебот бил речиси единствена храна на  синијата. Точно е дека два лути камења не мелат жито. Воденичките камења се различни да може да го мелат житото. Едниот е мек, а другиот лут камен. Се мелело “мајчино брашно”, за леб. Со посебно поместување во размер од пет до десет милиметри на каменот, се мелело појадро за сточно брашно.

Во прилепско “клокотеле” камените воденици, изградени во месноста Поводеници. Биле стари и по сто години, а биле во функција до 70-тите години од минатиот век. Мелеле на вода со два воденички камења во иста просторија. Едниот вртел од изворот до воденицата, а другиот од реката која течела покрај реката. Од јазот водата течела во седум-осум метри голема бука, од која истекувала и удирала на колцето, кое ја вртело и осовината и го вртело каменот. Каменот имал дупка во која паѓало житото, зрно по зрно, од горниот кош, и се добивало брашно за во вреќа. Штом ќе се испразнел кошот ѕвонело ѕвончето да се стави жито. Ако нема жито, каменот се запирал да не врти, а водата си течела.

vodenica

Воденичарите живееле покрај водениците

Материјалот за воденичките камења се носел на раце од Штавица, Марул, дури Кратово. Рачно ги изработувале.

– Се мачевме, рачно ги кршевме, а потоа ги оформувавме. Денешниве камења се над илјада евра и се купуваат. Служат до седум години – објаснува еден наследниците на воденичарите.

Покрај брашно за луѓето и добитокот, некои воденици ваделе и масло од сончоглед.

Млиновите  денес се измодерени, работата на електромотор на струја.

И порано и сега уемот бил во “игра”.

– Сопственикот на пченицата плаќаше за мелењето надомест кој се викаше уем. Обично сметката беше по десет насто во натура. Наместо со пари, плаќаше со жито. Од сто килограми мелено брашно, плаќавме десет килограми жито – кажува стариот Мирко Стојаноски.

Просторијата на воденицата обично е сé обоено во бела прашина од брашно. Најдоброто брашно излегува од добро испечена пченица во сушна година, полна со сончеви денови. Брашно се прави и од царевка. Може да биде бело, “црно”, ржано, интегрално и слично.

Воденици имале Петре Маја, Дано, Петре Кривио, Џорџимајковци, Пурдевци, Алавантиовци, Мурговци, Небрежанци, Присаѓани, воденицата од Коста, Шабановци, Цаковци и други. Млинови имале Самаковци, Тамбевци, Мргевци, Млинот на петте другари и други.

Loading