ВОЗБУДЛИВО СО „ДЕЛ ОД МЕНЕ“

Изложбата „Дел од мене“ (фотографии и кратки видео записи дел од видео перформанс) од нашите сограѓани Дарко Талески и Ферди Булут ќе биде претставена вечерва од 19 часот во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“.

„Како ме гледаш мене покажува кој си ти,како јас реагирам на тебе покажува кој сум јас“, е дел од описот на изложбата на двајцата ликовни уметници, кои живееат во пелагонискиот регион каде како една од доминантните култури за финансиски приход е тутунот. Од регионот потекнуваат многу видни уметници од сите области, чии што мотив често бил тутунот.

Ферди потекнува од рурална средина директно инволвиран во обработката на тутунот од најраното детство. Дарко од урбана средина, кој никогаш не бил директно вклучен во тутунот, но неговото опкружување му дава можност да се запознае со процесот. Едниот е од турска, а другиот од македонска националност. Тоа го збогатува заедничкото творештво.

Во „Дел од мене“ основен материјал е земена саргијата (груба ткаенина изработена од коноп која се користи за вкалапување на исушениот тутун). Саргијата ја носи миризбата тутун која се впива како што миризбата се лепи на тутуноберачите. За Ферди саргијата е втора кожа, меморија на животот, оти од дете се соочува со маката на тутунот. Преку фотографиите и кратките видео записи што е дел од видео перформансот, тој е обвиен во саргија како негова втора кожа. Стиснат меѓу мирисот и тежината во другите фотографии, т.е. другиот дел од перформансот се обидува да се ослободи од товарот. Колку и да е силно тоа одделување, остава траги. Тоа е причина за на дел од фотографиите да се види втора кожа, овојпат проѕирна (проѕирна фолија) како симбол на трагите кои остануваат врз личноста од социјалните и опшествените случувања во кои расте, созрева, живее и твори. Тешките услови придонесуваат многу луѓе да се соочуваат со тутунообработката и да бараат да избегаат, да се одделат од миризбата и од стегите на саргијата.

Дарко, последните две години, експериментира со состојбата на неговата кожа (демограф т.е. цртање на кожа) како медиум за уметничко изразување. Вели, “кожата го покрива телото и има улога на заштитник од другите, но и да не прикаже пред другите. Дел од книгата “Мислење преку кожата” од Сара Ахмет и Џеки Сатјси е следниот текст: мислата не се одразува само на телото како изгубен објект на мислата, туку на целосната слика за нас, на начинот на постоењето – со, и постоењето – за, каде што еден допир е допир на другите. Проучувајќи го ова разбрав дека мојата личност се рефлектира преку мојата кожа”.

Честопати неговото творештво е поврзано со обидот за преземање на емоциите на другите и нивно интерпретирање на сопствен начин (ставен во туѓа кожа). И во овој проект е вклучен уметникот кој ја користи сопствената кожа како медиум за интепретирање на чувствата на другиот уметник, поаѓајќи и испреплетувајќи ги сопствените емоции.

Изложбата на Дарко и Ферди е дел од програмата Нов културен бран, што ја реализира Министерството за култура, а со која следните неколку недели ќе се организира и одбележување на 60 години ЦСЛУ со мултимедијалниот проект “Панел дискусија – 60 години ликовно творештво, ликовните колонии денес, предизвици и иднина” и ретроспективната изложба, 60 години ЦСЛУ – Прилеп. 

Loading