ФУДБАЛОТ СЕ ИГРА ЗА ПУБЛИКАТА

Koj napreduva toj ostanuva - Goce IngilizovИнтервју со Гоце Ингилизов – претседател на ФК Победа

Потребно е време да застанеме на цврсти нозе и да направиме темели за идни успеси. Љубителите на фудбалот мора да се трпеливи, оти преку ноќ не са прават чуда.

Покрај лошиот почеток на сезоната 2016/17, и проблемите со неиграњето во Прилеп, остварена е примарната цел – обезбедување на опстанок. Како ја оценувате сезоната од оваа временска дистанца?

– Влеговме доста неискусно минатата сезона и со многу проблеми, од страна на фудбалската инфраструктура. Беше доста напорно да се следат натпреварите. Трениравме кај ќе најдеме слободен терен, а игравме како “домаќини” во скоро сите градови низ Македонија. Опстанокот не ни беше примарна цел на стартот, но како се одвиваа работите, на крајот бевме среќни со пласманот на седмото место во лигата.

Колку сте задоволни од игрите на фудбалерите и работата на Стручниот штаб. Сигурно има такви кои ги исполнија очекувањата, но и такви кои не покажаа квалитет достоен за дресот на Победа и настапите во Првата лига?

– Започнавме многу слабо. Екипата реално не беше добро подготвена ниту физички, ниту психички. Доста од играчите беа без прволигашко искуство и се “мачевме” на натпреварите. Мачно беше и да се игра, но и да се гледа Победа. Направивме промена на тренерот и некако се пробудија играчите, но не доволно. На полусезона имавме добри подготовки. Дојдоа неколку нови играчи да ја засилат конкуренцијата во тимот и некако и игрите почнаа да стануваат се подобри. Во последниот, четврт дел од првенството, откако се вдомивме на Могила, врзавме неколку победи во серија и се извлековме од дното на табелата. Играчите се релативно млади, после Македонија – Ѓорче Петров, Победа го имаше, во просек, најмладиот тим во лигата, што е одличен податок. Но, тоа носи неискуство и проблеми кои полека ги надминуваме. Играчите со кои располагавме се добри поединци и можат да играат во секој клуб во Македонија, но треба да се вкомпонираат и да сфатат дека можат да се носат со предизвиците во лигата.

Каков е планот за подготовки за наредната сезона?

– Ќе почнеме со работа од наредната недела. Прво во Прилеп, а потоа веројатно во Банско на финални подготовки. Ќе изиграме неколку пријателски мечеви.

Дали ќе има нови имиња во играчкиот кадар и кои ќе бидат амбициите за наредната сезона?

– Првиот дел од прашањето треба да му го поставите на шефот на стручниот штаб, затоа што тој ја составува екипата. Во моментов располагаме со 27 играчи. Треба да се направи простор за нови засилувања. Како и да е ,ќе бараме играчи кои ќе помагаат во креирањето на играта кон напред и кои ќе создаваат шанси. Според мене, одбраната и средниот ред се добри. Има доста играчи кои се слободни и кои се нудат. Се надевам дека добро ќе одбериме. Амбициите ќе бидат како лани, да бидеме во горниот дел на табелата и да искористиме и минимална шанса, ако се укаже простор, за борба за места кои водат во еврокуповите. Сезонава потврди дека за успех на екипата, не се пресудни буџетите, тука треба многу работи да се наредат. Ќе се залагаме од старт да тргнеме добро. Мора да сфатиме дека уште сме млад колектив, без разлика на историјата на ФК Победа. Во првата лига сме по голема пауза. Потребно е време да застанеме на цврсти нозе и да направиме темели за идни успеси. Љубителите на фудбалот во Прилеп мора да се трпеливи, оти преку ноќ не са прават чуда.

Дали ќе приклучувате играчи од младинската школа на Победа во првиот тим?

– Веќе има неколку играчи кои во минатата сезона ги вклучувавме во првиот тим по потреба. Неделава ќе дефинираме кои играчи се најперспективни во моментов. Тие ќе ги почнат подготовките. Во зависност од тоа кој ќе напредува најдобро, тој и ќе остане во тимот. Останатите ќе продолжат во школата. Во секој момент кога ќе има простор и потреба, ќе вклучуваме од младите во првиот тим. Се надевам дека некој од нив ќе прерасне во лидер на тимот и нашата репрезентација.

Timot ke ja vrati starata slava na Pobeda

Што се случува со Градскиот стадион ?

– За среќа, деновиве почнаа активностите на стадионот. Работат неколку екипи на поставување на осветлувањето. Од први јули ќе почнат со работа и на теренот и на трибината. Според разговорот со изведувачите, до крајот на годинава би требало да бидат готови. Од пролетната полусезона би играле тука, а дотогаш ќе играме на стадионот на Могила. Стадионот е во сопственост на локалната самоуправа и благодарение на залагањето на градоначалникот, наредната година ќе добиеме објект на кој достојно ќе се претставуваме.

Најавивте и изградба на клупски тренинг камп на теренот на Металец. Кога би се реализирала оваа идеја?

– Огромен проблем е што десетици години ништо не се инвестирало во инфраструктура на клубот. Нема ништо во сопственост на Победа. Идеја имаме, која не е лесна за реализација, да направиме убав проект. Работиме на составување на документација да имаме спремен терен за инвестиција. Кога ќе има нешто конкретно, ќе кажеме. Целта е да направиме “дом на фудбалот” во Прилеп, место во кое ќе тренира првиот тим, но и место каде ќе развиваме млади играчи.

Што се случува со буџетот на клубот и каква е комуникацијата со најверните навивачи?

– За реализација на сите наши замисли потребни се доста средства. Оваа сезона ни излегуваа во пресрет спонзорите на сите наши барања и потреби. Се надевам дека и наредната сезона ќе биде исто. Активно комуницираме уште со неколку компании кои би се приклучиле на локалната самоуправа, Прилепската пиварница, Комфи ангел, Жито Прилеп, Мермерен комбинат и Витаминка, за да направиле клуб во вистинска смисла на зборот, со инфраструктура која ќе продуцира квалитетни играчи. НК Мајмуни се нашиот дванаесетти играч. Тие се најдобрата и најверната навивачка група во Македонија. Нé бодреа секаде каде што игравме и ни помагаа во сите наши активности. Фудбалот се игра за публиката. Ако нема гледачи на стадионите, не вреди воопшто да излегуваме на терен.

Loading