МОЈАТА БИО-БИБЛИОГРАФИЈА

2. Mirjanka R. SelcanecМирјанка Ристеска Селчанец

Да се опишува сопствениот живот е прилично тешко. И опасна работа. Сечиј животопис крие многу содржини, што страници и страници би можеле да се напишат и… да се забега во здодевност. Или, ако тој што си ја пишува својата биографија страда од претерана скромност, опасноста е да не каже ништо.

Ваква дилема ме опфати кога ја пишував мојата биографија. Според парафразата на Ферид Мухиќ, животот на секој човек се состои од определен број подвизи преку кои го остава својот знак дека бил, дека го имало.

Подвизите во мојот живот ги класифицирам како седум клучни моменти.

Подвиг прв

Се родив како Мирјана Мирческа на 3.12.1944 год. во Прилеп од мајка Анка и татко Методија, добри и чесни луѓе, кои до својот последен здив ни ја даруваа својата љубов мене и на мојот помал брат Влатко.

Подвиг втор

Да бидам каква што сум, најголемиот ,,виновник,, е мојот дедо Рампо, со чија мудрост се причестив од изворот на првите сознанија за животот. Растев и учев во едно здраво граѓанско семејство кое ми го покажа вистинскиот животен пат.

Подвиг трет

Третиот животен подвиг е школувањето од септември 1951 г, до завршувањето во 1978 г. кога дипломирав на Правниот факултет во Битола. Првата диплома за наставник по англиски и македонски јазик датира од 1965 г. на Педагошката академија во Скопје. Во подготовката на испитите загубив многу време, особено кога бев вонреден студент зарради тоа што бев и сопруга и мајка.

Подвиг четврти

Во 1965 г. се омажив за сопругот Ице. Со него продолжив да ги врвам патеките на животната бајка. Го остварив најголемиот сон на секоја жена. Го родив синот Бојан. Претходно се вработив како наставник по англиски и македонски јазик во едно прилепско основно училиште. Со семејството продолжив да пливам низ животните води. Во 1968 г. ја родив ќерката Александра, а во 1972 г. се запишав на Правениот факултет во Скопје за да го завршам во 1978 г. во Битола. Во меѓувреме, полека, неосетно, како што растеа децата, ми намалуваа обврските. Почна да врие неискористената енергија за создавање, за творење. Не беше доволно исполнет авантуристичкиот дух на Стрелец. Секој слободен миг пишував песна, расказ, драмски текст… Пишувањето не беше новина. Од второ одделение пишував песнички и ги објавував во весници. Професорка по македонски јазик, Вера Кареска ми прогнозираше дека ќе станам писател. Сличен тип имаше и професорот по синтакса на ПА во Скопје, писателот Васил Илјоски, кој ми порача: “Пишувај”!

intimni-ispovedii-krlushki-od-dushata-selcanec-2

Подвиг петти

Јавното појавување како писател, за жал, се осмелив да го изразам доцна. Иако цел живот пишував, како да си направив кафез во кој приоритет ми беше семејството и работата. Се радував на докторатот на сопругот, пресреќна бев дипломата од Медицинскиот факултет во Скопје на синот Бојан и на ќерката Александра на Правниот факултет во Битола. Летав, кога ги оженив, ги омажив… Скокав од радост кога се родија внучињата!!! А моите желби и пориви,  талентот за пишување, го чував за кога ќе имам повеќе време и пари за мене. Ми се чинеше оти ќе живеам бескинечно, изгледа!!! Дојде денот кога се исполни аманетот од дедо ми: „Што е твое, само ќе си дојде”. Прилично духовно поткована, се уверив дека во сечиј живот, па и во мојот, нема само завидливци кои исмеваат, препинаат, уриваат. Има и доброчинители како поетот Петре Баше, во новинарката и поетеса Виолета Аларова и во учебникарката и писателка Даринка Јанушева. Сите овие луѓе ми помогнаа да ја отнам писателската стерна во мене. Приказните што му ги раскажував на внукот Марко ги собрав во трилогијата: „Приказни за Марко”, „Забавачето Марко” и „Првачето Марко”. Се појавија и монодрамските збирки за возрасни: „Камен на душата” и „Мактуб” (1978 година). Сé тргна како порој, со вртоглава брзина. Децата и наставниците се воодушевија од творбите. И возрасните беа почестени. Актерот Мите Грозданов, бардот на македонското глумиште, повеќе од 300 пати ја изведе мојата монодрама „Чекајќи го Илко”. Тоа претставува своевиден македонски рекорд за монодрама. Другите монодрами, дуодрами и драми изведени од Снежана Стамеска, Сабина Ајрула Тозија, Ацо Видиков, Викторија Анѓушева, Душица Стојановска, Шенка и Ѓорѓи Колозови, па Ванчо Петрушевски и други.., моето авторско име го вивнаа таму каде што дотогаш си ги диплев само соништата.

Подвиг шести

Се редеа делата кои, се надевам, ќе останат како одговор на прашањата: „Бев ли навистина”?, „Ме имаше ли”? Тие делата, Трилогија детски бајко-романи: „Илин”, „Насмевка” и „На бајките, збогум”, “Живи закопани” – збирка монодрами заедно со најголемиот македонски комедиограф Миле Попоски; На конкурсот „Сто години од Илинденското востание” во 2003 година ја добив Првата републичка награда за поемата „На чардакот”. Трилогијата „Прилепчанки” со романите: „Гена”, „Маргарита” и „Анка”; „Насадена љубов” – роман пишуван од 1972 до 2007 год.; „Живот со патрдии” – биографски роман за животот и делото на Миле Попоски. „Венец од мирта” – поестка збирка во која доминантно место зафаќа мојот Сонетен Венец со наслов: „Љубовта не умира”, па три поеми и неколку песни. „Бунтовник со причина” – мојот роман што од печат излезе на 4.8.2012 година. Следуваа стихозбирките „Еден бакнеж” – 2012 година и „Венец од мирта” – истата година. Потоа, во 2013 год. го издадов мојот автобиографски роман детството со наслов „Лет кон божилакот”. Во 2014 год. излезе романот „Сé почна со пламенчето”, а следните 2015-2016 се отпечати романот „Интимни исповеди” и стихозбирката „Крлушки од душата”. Последниве две книги беа промовирани на 12.05.2017 година во читалната од Градската библиотека „Борка Талески”.

На 3-ти Ноември 2012 година ја доби Награда Златна плакета за животно дело како писател од Советот на Прилеп. Во 2014 година на Конкурсот за новоиздадени дела во Друштвото на просветни работници од Скопје ја доби Третата награда за „Венец од мирта”. Во 2015 година, на конкурсот за расказ од Библиотеката во Демир Хисар ја доби Првата награда за расказот „Cogito ergo sum”.Многу мои песни како и хаику поезија се издадени во различни меѓународни списанија…

Подвиг седми

И еве, уште сум жива и здрава, што претставува своевиден подвиг. Уште творам. На полиците чекаат неиздадени уште многу страници мои дела: монодрами и драми за деца и за возрасни, раскази, песни, поеми, есеи, романи… Ако Бог милува, и тие ќе ја догледаат светлината на денот.

Loading