МАРИОВО НИЗ ВЕКОВИТЕ

Хроника за три периоди

 MG 8722

Како редактор на оваа книга која е пишувана од мојот покоен татко Милан Ристески, во овој предговор, сакам да дадам некои основни податоци за нејзиното создавање кои јас ги знам и некои податоци што се забележани во документацијата и во разни списи и записи од авторот, а се наоѓаат во неговата оставнина која јас ја поседувам.

Владата РМ, преку Институтот за национална историја и преку Сојузот на борци на Македонија, во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, спроведе една многу благородна Програма за пишување на хроники на поодделни села, градови и области. За таа цел, со Милан Ристески склучи поодделни договори за пишување на хроники за селата Плетвар и Никодин, за селата од Бакарно Гумно  (Тополчани и др.), за областите Порече и за Мариово. Сите напишани хроники од страна на Институтот за национална историја и Сојузот на борци на Македонија, се рецензирани, откупени и одобрени за печатење. Досега се отпечатени хрониките за Никодин и за Порече.

Милан Ристески овој текст го напиша во три книги, во средината на седумдесеттите години на минатиот век, односно во периодот од 1964 до 1968 година. Претходно ги имаше напишано хрониките за селата Плетвар, Никодин, Тополчани и Порече. Текстот од третата книга, на 22 јули 1968 година, татко ми со писмен акт го предаде на Претседателството на Општинскиот одбор на сојузот на борци на Прилеп.  

За пишување на хрониките беше потребно авторот да пронајде историски документи и податоци. За таа цел тој истражуваше како во југословенските архиви, така и во архивите на соседните држави. Освен тоа, голем број на документи не се предадени во архивите, а ги поседуваат приватни лица или претпријатија и направи посебни напори да ги добие и тие документи. Дел од сопствениците тие докумети ги предадоа во историскиот архив во Прилеп, каде тој тогаш беше директор, а дел си ги зачуваа и понатаму кај себе. Покрај тоа, требаше да се консултираат и издадени книги кои содржат податоци или цитирани документи од важност за предметната хроника. Многу важни историски податоци неопходно потребни за пишување на хрониката и за нејзино комплетирање не се и не можат да бидат запишани во историските документи, особено за имињата на учесниците во настаните, за подготовките и организаторски дејствија и личностите кои учествувале во тоа. Тие податоци се добиваат исклучиво со анкетирање на населението, а се внесуваат во хрониката само ако кажувањата се потврдат од повеќе анкетирани лица. Притоа, се одбираат особено стари лица кои имаат силна меморија и го запамтиле она што го слушале од своите претци и кое се предавало од колено на колено, затоа што во тоа време немало писмени луѓе кои можеле да ги запишат настаните и учесниците. Анкетирани се многу живи учесници и соучесници во поодделни настани.

Според тоа, на татко ми му претстоеше многу истражувачка и теренска работа. Беше потребно собирање на историските податоци за настаните што се случувале на територијата на Македонија, особено во Мариово, почнувајќи од потпаѓањето на Македонија под Турско ропство преку дигнатите буни и востанија, продолжени преку ајдутството и комитското движење и формирањето на Револуционерната организација на македонскиот народ во деведесеттите години на 19 век, неговото учество во сопственото ослободување во 1912 година од турското ропство и во неговата замена со ново ропство со балканските војни, како и учеството во туѓите балкански армии во Првата светска војна, па се до народноослободителната борба на македонскиот народ заедно со другите југословенски народи која траеше од 1941 до 1945 година, односно до неговото конечно ослободување и извојување на толку саканата слобода за која даде неброени жртви. 

Хрониката за Мариово опфаќа три периоди од историското минато на Мариово, првиот период започнува од потпаѓањето на Мариово под турска власт сé до Балканските војни и протерување на Турците. Вториот период започнува од Балканските војни 1912 година сé до 1941 година кога Мариово потпаѓа под бугарска власт и третиот период започнува од 1941 година, односно од почетокот на Втората светска војна и трае сé до завршувањето на Втората светска војна и конечното ослободување на Мариово. За секој од овие периоди авторот напиша по една книга, што значи целата хроника е замислена како трилогија на историските настани што се одиграле на територијата на Мариово. Сега, во печатена форма, овие три книги се споени во една книга која преставува една целина.

Во списокот на анкетирани лица, авторот наведува анкетирани лица кои умреле 1930 и 1934 година кога тој имал седум односно десет години. Во врска со тие анкетирани лица, авторот вака го појаснува тоа: „…анкетираното лице е мојата баба Тода, тетка на мојот татко, лично јас не сум ја анкетирал, ами таа кој знае колку пати мене ми ги раскажуваше настаните кои се случувале во нејзиниот дом и таа лично ги преживеала и била учесник. За неа и за Ѓорѓи Лажот се испеани многу песни. За истите настани ми раскажуваше и баба ми Мара која умре во 1934 година, мајка на мојот татко, која исто така била учесник во настаните. При опсадата на Ѓорѓија Лажот во нашата куќа прв бил убиен братот на мојата баба. Овие трагични настани, длабоко врежани во психата на моите предци, беа зборувани во нашиот дом скоро секој ден. Кај нас често доаѓаше и Петре Богев Шумадренков кој умре 1937 година, а беше осуден и затворен на 101 година во затвор, по неколку години бил ослободен за да ја пренесе веста дека останатите затвореници умреле. При секое негово доаѓање ми ги расправаше тие настани. Најголем доказ за тоа се мартините (материјални докази) од оловните фишеци од берданките кои и денеска постојат во вратите…”

Во врска со хрониките авторот запиша: „…овде треба да се има уште еден предвид, дека хрониката не е историја и не може да биде историја, тоа е посебен вид на творештво, меѓу литературата и историјата… Хрониката може да послужи како една долга трасирана патека по која ќе се оди во проширувањето и реконструирањето на правењето на историјата. Пишувањето на историјата е работа на Институтот за национална историја…”.

За важноста на собраниот материјал и архивската граѓа од кои се напишани хрониките, авторот вели: „..колкава е големината на вредноста на хрониката само во посочувањето на литературата и граѓата за напишаните настани, тоа може денеска да не може да се согледа. Но, и кога да е тоа, младите (идните) генерации ќе го согледаат и ќе си го кажат своето мислење. А без да навлегуваме во внатрешноста на прибраниот и внесен текст, било тоа од документи или од колективната меморија на живите сведоци на настаните, кои утре како такви ќе ги нема, само имињата нивни ќе останат и тогаш ќе жалиме за многу работи кои што не се доопфатени, а сведоците знаеле и можеле да го кажат, или пак го кажале, а јас не сум го зел и не сум го внесол во страниците на оваа хроника…”.

При читањето на оваа книга, дел од читателите можеби ќе забележат дека имињата на личностите, актери на настаните, до Балканските војни немаат презиме. Со право ќе се прашуваат зошто тоа е така, а некој може да се посомнева дека тие настани и лица се измислени или доволно не се испитани, па затоа не се идентификувани и со презиме. Оваа недоумица има свое објаснување. Имено, османлиската власт водела матични книги т.н. „нуфуз тефтери” само за машките деца и тоа само за муслиманското население. Подоцна, при крајот на нивното владеење, султанот издал наредба христијанските деца да можат да ги регрутираат во турскиот аскер и затоа почнале да водат евиденција и за православното население. Во „нуфуз тефтерите” биле запишувани само датуми на раѓање или умирање. Секое запишано дете во „нуфуз тефтерот”, добивало документ т.н. „нуфуз”. Во „нуфузот” се запишувал  полот, името, денот на раѓање и името на родителите. „Нуфузот“ бил потребен само за граѓаните на турската империја кои патувале во земјата и во странство, а со него можеле да вадат и дозвола за женење. Запишувањето се плаќало, а се плаќал и годишен данок. Христијанското население го избегнувало запишувањето на децата. Со оглед на тоа што Мариово имало извесна самоуправа, воопшто не се воделе матични книги.

Неводењето на матични книги и немањето на никаква евиденција за населението, им направило големи тешкотии на новите освојувачи на Мариово по истерувањето на Турците по Балканските војни. Така новата српска власт не можел да изврши регрутација за војници од новозавземените територии за пополнување на своите армии со македонски војници. Мариовците бегале од срспската власт и се криеле по трлата и плани те, а некои се запишувале за постари само да не бидат регрутирани.

Распознавањето на лицата со исти лични и таткови имиња, си го решавале самите селани и тоа на многу едноставен начин. Скоро сите машки лица си имале прекари, некои имале лични прекари најчесто добиени во детството,  други имале наследени прекари, трети го употребувале фамилијарниот прекар итн. Ова ни го потврдува фактот дека презимето кај нас е нова творевина, главно воведена од српската и бугарската окупаторска власт по Балканските војни. Во услови на немање на презиме, прекарот служел за точна идентификација. Така на пример кога ќе се споменело Ѓорѓија Лажот, Толе Паша, Трајко Бешот, Крсте Цоцот, итн. поради  додадениот прекар личноста била точно идентификувана. Во случаите кога личноста е забележана  како Крсте Бинов, Бојо Суклев, Петко Малчев, Јана Ковчегарова итн.,  додавките ставени до името не претставуваат презиме на личноста, ами тоа кажува од која фамилија е личноста, а со тоа лицето точно  се идентификува. Во почетокот, српската власт за презиме го запишувала таковото име (патронимика) или мајчиното (матронимика), а подоцна дедовото име. Но ова направи големи нејаснотии и збрки,  како во матичните книги на родени и умрени, така и кај народот. Не унифицираноста на презимето предизвикало проблеми за идентификација на личноста. Со овие проблеми се сретнува и авторот Милан Ристески кога ги анкетира старците. Некои од нив, во своите кажувања одредени личности ги идентификуваат само по прекар, други по татково име, а помладите ги кажуваат по дедовото име. Поради тоа, една иста личност од едни кажувања има презиме по татко, а од други кажувања има презиме по дедо и се доаѓа до мислење дека тоа се две различни личности.

За да не се јави забуна кај читателите и да мислат дека се работи за различни личности, а со цел да ги намали  овие дилеми, авторот во првиот дел од книгата личностите ги дава по име и прекар или по име фамилија, а во втората книга покрај името става и презиме, но повеќе идентификацијата ја прави по личен прекар или по фамилијарен прекар доколку тоа е можно, а во третиот дел од книгата личностите се идентификувани со име и презиме според постојната матична евиденција од матичните книги на родени, па дури и со прекар доколку го имаат.

За пишувањето на оваа книга треба да се заблагодариме на поранешната влада на Социјалистичка Република Македонија, на Институтот за национална историја и на Сојузот на борците од Прилеп, како и на анкетираните лица, од кои голем дел не се меѓу нас. За излегувањето од печат на оваа книга, најголема заслуга повторно имаат анкетираните лица према кои се искажува огромна благодарност, за жал за многу од нив посмртна благодарност. Овде не треба да  заборавиме да изразиме благодарност до сите оние кои дадоа несебична помош како и посебна благодарност до издавачот ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески” од Прилеп.

На крајот од успешно завршената работа и излегувањето од печат на оваа хроника треба да признаеме пред Бога и пред себе дека таа претставува најголемиот пишан споменик за животот во Мариово и Мариовците. Таа е споменик за дестици илјади жртви на невино население настрадано од колежи и палежи од турските орди, споменик за илјадници жртви осудени на 101 година затвор и убиени во турските зандани. Оваа книга претставува споменик и доказ за масовните убиства и колења на населението од цели села од страна на српските, бугарските и грчките чети, кои си ги одмерувале силите во Мариово за да докажат дека Мариово е нивно, а вежбале и вршеле масовни убиства на Мариовците поради единствена причина што не се пишувале за Срби, Бугари и Грци. И на крајот, оваа книга е споменик и на  илјадниците жртви  во двете Балкански војни и во Првата и Втората Светска војна учесници во составот на освојувачките армии на балканските земји кои овие исти жртви ги прикажуваат како нивни војници. Круна на овој споменик се борците од Народноослободителната војна кога конечно е извојувана слбодата.

Редактор Драган Миланов Ристески

2016, Октомври 11

Loading