РАСКОШНО ТВОРЕШТВО НА ФАКТИ, СУДБИНИ, НАСТАНИ…

ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „МАРИОВО НИЗ ВЕКОВИТЕ – ХРОНИКА ЗА ТРИ ПЕРИОДИ” ОД АВТОРОТ МИЛАН РИСТЕСКИ

 MG 8751

Во салата за промоции при ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески”, на 26.05.2017 г. се одржа промоцијата на книгата „Мариово низ вековите – хроника за три периоди” од нашиот починат сограѓанин, Милан Ристески, а во редакција на неговиот син Драган Ристески. Хрониката е плод на повеќедецениска, макотрпна истражувачка работа на М. Ристески, кој беше познат фолклорист, собирач на народни умотворби, проучувач на народните обичаи и ретко плоден автор, чии трудови се над 25.000 страници. Тоа е фасцинантен истражувачки резултат за краток живот кој трагично заврши во сообраќаен инцидент, некаде во Грција

Книгата опфаќа три периоди од историското минато на Мариово. Првиот дел го третира периодот од потпаѓањето на Мариово под турска власт, сé до Балканските војни. Вториот дел почнува од Балканските војни, а завршува во 1941 г., кога оваа област е под бугарска окупација. И третиот дел се занимава со судбината на Мариово од 1941 г., сé до неговото ослободување.

 MG 8763

Хрониката е пребогата со факти, настани и личности, чии судбини не го оставаат рамнодушен читателот. Книгата е во издание на Градската библиотека „Борка Талески”, а нејзин промотор беше Слободан Беличански. Делови презентираа актерите Игор Трпчески и Виолета Чакарова.

Награди за мариовска инспирација

Во библиотеката се прогласени наградените автори на конкурсотза најдобра поетска творба, распишан од здружението „Мариовско – мегленски културни средби” при крајот на промоцијата на книгата „Мариово низ вековите,,. Првата награда ја освои Живко Карески со песната Невенова Зоја. Според жирито, втора награда ја заслужија песните Мариовска пеперуга од Габриела Стојаноска Станоеска и Нова состојба од Миле Јорданов. Комисијата за оценка меѓу 29 автори ја подели третата награда за песните Напуштен имот од Весна Шереметкоска и Тами и тука од шифрата Скаи. Награди за учество добијаа Миле Спиркоски за песната Пламена рожба и Блага Тутеска за Тагови.

Автоите ги прочитаа своите поетски трудови.

Loading