ПИВОФЕСТОТ Е МАГНЕТ ЗА ТУРИСТИ

Туризмот една од носечките гранки на прилепската економија

Colik - 2011 g

Од 13 до 16 јули годинава Прилеп пак ќе ја организира бренд манифестацијата со  15 годишна традиција,  Пивофест. Со тоа се сметнати сите дилеми дека градот ќе ја загуби организацијата и ќе исчезне најдрагоцената ,,мамка,, за туристи. Интензивно се подготвува престолнината на пивото за окупацијата на стотина илјади пивопијци и авантуристи за забава и за слава на слатко горчливата пена. Празникот на пивото останува бисер на Прилеп.  

Но не само пивскиот фестивал, туризмот полека се наредува меѓу носечките гранки на економијата. Многуте културни и спортски манифестации преку целата година придонесуваат градот да биде трет во земјава според бројот на туристи, после Скопје и Охрид. Иако Прилеп нема море, езера или национални паркови во близина, откриен е успешен рецепт за привлекување на туристи, а тоа е развој на фестивалскиот и т.н. алтернативен спортски туризам.

Карневалот Прочка, фестивалот на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски”, фестивалот на Балкански изворен фолклор, театарскиот фестивал „Војдан Чернодриски”, Мариовско – Мегленските средби, Џез фестивалот, ликовните колонии, Прилепското културно лето и најголемата атракција на Балканот – Пиво фестивалот се дел од манифестациите кои цела година ги задоволуваат сите вкусови. Нема град во Македонија, со толку богата културна понуда. Сите манифестации се максимално поддржани од локалната самоуправа која посветува огромно внимание за развојот на фестивалскиот туризам кој е хит и тренд во светот и кој носи големи економски бенефити за државите кои го стимулираат.

Lepa Brena - 2012 g

Последните години се акцентира развој на спортскиот туризам. Градот прерасна во Центар за развој на екстремните спортови во регионот. Се изгради ново полетувалиште за параглајдери кај манастирот Трескавец. Околните карпи се хит дестинација за болдери. Секоја година градот го посетуваат неколку илјади странски љубители на искачувањето по карпи. Атракција е и планинскиот ултра маратон „По стапките на Крали Марко”, кој се трчаше на 90 км. Планинскиот велосипедизам е уште една од можност за дружење и забава на сите посетители. Одењето по лента на голема височина е новитет во екстремните дисциплини. Успешна излезе и трката на спуштање низ планина со велосипеди. На Мото Крос патеката кај Лагово се натпреваруваат стотици љубители на брзото возење со крос мотори. Лани се одржа и првото македонско трофи со џипови со 120 учесници од повеќе држави. Се планира, локацијата да прерасне во современ мото комплекс и со картинг патека, пеинт бол игралиште и угостителски комплекси.

Прилеп привлекува и со манастирите. Локалната самоуправа и Министерството за култура направија големи инвестиции. Првпат во историјата се изградија асфалтни патишта до манастирските комплекси, Трескавец, Зрзе, манастирот Св. Димитрија во с. Селце, манастирот Св. Никола во с. Манастир во Мариово. Манастирот Зрзе доби комплетно нови конаци за 92 милиони денари. Активно се реконструираат опожарените конаци на Трескавец за 120 милиони денари. Стариот лик ќе се врати на крајот од 2018 година. Нови конаци за 13 милиони денари доби манастирот Св. Архангел Михаил во Варош. И манастирот Свети Никола во селото Манастир во Мариово е обновен за развој на манастирскиот туризам.

Фестивалите, културните и спортски манифестации и манастирите се адут со кој Прилеп привлекува годишно стотина илјади туристи од целиот свет. Паралелно се зголемуваат хотелските капацитети. Локалната економија е во подем, а ефектите од туризмот ги чувствуваат чаршијата и угостителските објекти преку промет од десетици милиони евра. 

Loading