И НАКОНТЕН И НАГИЗДЕН И ИСТАВРЕН

ivce1Навистина, повеќе зборови со едно значење. Тешко можеме да ја откриеме етимологијата, потеклото на тие зборови. За жена или за маж кои сакаат многу да се дотеруваат имаме повеќе зборови. Некои дури понекогаш означуваат личност која претерува во своето дотерување. И кој збор и кога да го избереме?  Во еден свој напис Блаже Конески вели за еден негов пријател дека бил ТАВРЕСТ. Многу сакал да се ТАВРИ, да се дотерува, да биде секогаш убаво облечен. А, како да си спомнуваме малку нејасно, дека во една народна песна сме го прочитале стихот – “Беше многу тавралија”. Но, зборот веќе се користи поретко. Во Речникот на Зозе Мургоски пишува дека е дијалектизам.

За некого ќе чуеме дека е ГИЗДАВЕЦ, дека сака многу да се ГИЗДИ. И тој збор значи дека некој премногу сака да се дотерува, премногу води сметка за својот изглед, па ќе речеме дека е ГИЗДАВЕЦ или ГИЗДАВИЦА. Не му го знаеме коренот, но тој се користи како литературен збор.

Тука е и зборот КОНТЕ. Колкупати сме слушнале дека некоја жена многу сакала да се КОНТИ или колку е НАКОНТЕНА. И за маж се вели дека е НАКОНТЕН. Понекогаш дури и придобива негативен призвук. Ќе чуеме: “Видете ја онаа како се ИЗНАКОНТИЛА”.

Во комуникацијата на нашиве луѓе, за ваква потреба, најчесто го среќаваме зборот КИЦОШ. А токму тој не е регистриран во Речникот (тритомниот). Претходните зборови можеби немаат наш корен, но ете, тие влегле во нашиот јазик. Некои како дијалектизам, некои како литературна норма. КИЦОШ го нема, а најмногу се користи. Веројатно под влијание на српскиот јазик. Нам, како да ни изгледа дека зборот има германско потекло, но не можеме да тврдиме.

Најпосле во поретка употреба го слушаме и зборот ДЕНДИ. И тој го има истото значење како претходните. Инаку, зборот е англиски. Некои го изговараат ДАНДИ. Погрешно е тоа. И во српскиот јазик и во бугарскиот и во македонскиот тој е ДЕНДИ.

И така! Повеќе зборови, исто значење. Кој кога ќе се употреби зависи од контекстот. Според нас, освен КИЦОШ секој е можен.

Loading