И ГОЛОТ ОД ПЕНАЛ ВРЕДИ ТРИ БОДА

Фудбал: Средата беше среќна за Победа

По долги „посни“ 727 минути стрелец беше Ј. Наумоски

Moment od mecot Pobeda -   Sileks

Голот од пенал е најнеатрактивен начин да се затресе мрежата, но тоа не е толку важно, колку што се важни трите бода. Во средата со удар од белата точка екипата на Победа успеа да дојде до триумф од 1-0 против цврстиот тим на Силекс и со тоа да ги зголеми шансите за опстанок. Во финишот од мечот на Могила оддесно центрираше Ѓорѓиовски, а топката удри во Гуцев, судијата виде игра со рака и врз таа проценка досуди пенал. Реализатор беше Ј. Наумоски за голема радост на домашните навивачи.

Не само бодовите, значаен е и голот, кој е постигнат по долги ,,посни” 727 минути. Последен гол беше на Цветаноски со Вардар во 83 минута (ако не се смета автоголот на Шкупи). Значи, цел круг се сврти од првенството за прилепскиот тим да даде гол. В недела ете го мечот пак со Вардар, овојпат во Скопје. Во врска со неефикасноста мора да се каже дека останува како проблем на кој мора да се работи и натаму. Попусто се создаваат шанси, кога нема јунак во редовите на Победа кој ќе умее да ја упати топката на вистинското место. Гешоски се труди, но не е во посакуваната форма. Згора на тоа доби и црвен картон во средата. Шаркоски е повреден, а тие што го заменуваат не се на ниво. Големи се очекувањата за Неданоски, засилување од Новаци, кој дебитира на завчерашниот меч.

Ако се споредат двете задачи на тимот, тогаш извесно дека одбранбената е поквалитетно извршувана. Во одбраната има сигурност и таа тешко прима голови. Има избор и покрај повредите. Последен се повреди капитенот Крстески. Во средниот ред најнов повреден е Најдовски. Го изнесоа на носилка, што значи дека се работи за сериозна повреда. Има и заминат – Коњарски зеде исписница. И во Управата има празно место – спортски директор. Се повлече Обрадовиќ. Така има промени, но тоа е сосема нормално во фудбалот.  Затоа има голем фонд. Играчите кои биле во втор план чекаат шанса и штом ја добијат треба да ја искористат.

Претходно беше поразот со гол од офсајд од Пелистер во Битола, а следат два дуела со фаворити. В недела е гостувањето на Вардар во Скопје, в среда на Могила доаѓа Шкендија.

Табела: Вардар 68, Шкендија 58, Работнички 47, Пелистер и Ренова 41, Силекс 36, Шкупи 32, Победа 26, Брегалница 20, Македонија ЃП 19.

Бесплатен влез

За поздравување е одлуката на Победа да има бесплатен влез на стадионот Могила. Така беше во средата, кога дојдоа близу 2.000 гледачи да ја бодрат екипата на тешкиот дуел со Силекс. Истото се очекува и в среда. Тогаш можеби ќе се надмине и таа бројка, бидејќи гостин ќе биде една од двете најквалитетни екипи во државава – Шкендија. Апелот е секогаш, па и сега, за коректно навивање, без здодевни националистички скандирања, кои не можат никого да заплашат, туку само наидуваат на потсмев.

Loading