НАСТАПУВААТ СОБОРУВАЧИ ВО ПРВА РУНДА

Борење: Прв меѓународен турнир „Љупче Црвенкоски

-На фаворитите од Бугарија најсериозни конкуренти се претставниците на Македонија

Moment od prethodniot turnir vo   Prilep

Фудбалско – ракометната монотонија викендов ја збогатува борењето. Конкретно в сабота (11 ч.) во салата на ООУ ,,Добре Јованоски” БК 7 Мај Леов ќе го организира првиот меѓународен турнир во слободен стил и женско борење ,,Љупче Црвенкоски”. Во возрасните групи за деца, кадети, младинци до 20 години и девојки има вкупно 13 тежински категории, што најавува богата програма со многу борби на двата душека. Дека ќе има квантитет и квалитет се наѕира според пријавените учесници од пет земји. Покрај домашните претставници ќе се појават и борачи од Унгарија, Србија, Бугарија и Косово. Планирани се околу 100 учесници.

Во однос на квалитетот, во преден план се Бугарите, оти се сметаат за европска велесила во овој спорт. Со каков состав и да дојдат, извесно дека ќе имаат фаворити во сите категории, борачи кои можат да атакуваат на ,,туширање” на противникот уште во првата рунда. Најголеми конкуренти треба да бидат домашните натпреварувачи. Како име во последно време се издвојува Елмедин Сејфула (Лирија Скопје), 18-годишен талент, најнадежен македонски борач на оваа возраст. Според она што го покажаа на претходните првенства,  до него се Фиданчо Јованов (Радовиш), Армин Идризи (Тефејуз Скопје) и Минир Реџепи (Лирија).

И клубот организатор има адути, првенствено младинецот Теодор Темелковски, како и пионерите Барбара Стојкоска и Стефан Стојаноски. Темелковски многупати покажува квалитет и ќе даде максимум да ги израдува своите поддржувачи. Останатите двајца се кандидати за настап на Европското пионерско првенство во Белград, во мај. На турнирот ќе имаат добри противници од Бугарија, Косово и останатите земји, што е убава можност за добивање самодоверба, како и за оценка до каде е формата пред најзначајниот овогодишен натпревар. Клубот 7 Мај Леов најави учество на вкупно 13 свои членови.

Организаторот, покрај медали, подготви и други вредни награди: пехар за најдобар домашен борач, за најдобар странски борач, за најдобар техничар, за најдобар борач воопшто на турнирот и за најдобар судија.

Кој беше Љупче Црвенкоски

Одличен борач и судија

Навршува точно една година од прераната смрт на Љупче Црвенкоски. Почина на 28 години. Беше дете од првата генерација борачи во клубот 7 Мај Леов. Членуваше во него од самиот почеток во сезоната 2004/2005. Веднаш се наметна со својот талент и желбата за работа и напредок. Веќе на првите настапи се виде квалитетот и бргу стана конкурентен во борбите за медали. Стана вицешампион во младинска конкуренција и беше првиот прилепчанец кој им даваше силен отпор на дотогаш неприкосновените од борачките центри во земјата. Понатаму се одлучи да биде судија и во таа улога успешно се претстави. Смртта го спречи во завршните подготовки во полагањето за меѓународен судија.

Loading