Крос роуд блуз бенд
Нескротливата жед за блуз вирее две децении кај членовите на Крос роуд блуз бенд. Пионерите во афирмацијата на блуз музиката се овенчаа со слава, бидејќи успеаја да се куртулат од малодушноста со постојаните македонски иновации во овој музички правец. Со концерт во ресторан пред одбрани блуз љубители и гостите Игор Џамбазов и Гури Хари, бендот ја прослави 20 годишнината. Настапот потврди дека групата се вивнала во блуз светот, освојувајќи ги не само македонските сцени, туку и балканските фестивали. Дведеценискиот пат не бил лесен ниту послан со рози. Бендот излегол од шаблоните, нудејќи оригинални блуз акорди, со вткајување на современи музички елементи, со сопствени песни и привлечни тонови на усната хармоника.
Блуз возбуда предизвикуваат Александар Сале Дворчанец, Бранко Нешкоски, Александар Шилоски, Давид Нешкоски и Зоран Настески. Сите членови се убедени дека блузот се уште живее, како што е насловот на еден од нивните албуми.