ИТАЛИЈАНЦИ ГО МЕРКААТ ПРИЛЕПСКИОТ МЕРМЕР

Mermerot atraktiven za Italijancite

Неколку италијански компании се заинтересирани за инвестиции во производството на мермер во Прилеп. Во тој контекст, амбасадорот на Италија во Македонија, Карло Ромео, со бизнис делегација, на средбата со градоначалникот Марјан Ристески го запознаа домаќинот за интересот на италијанските компании за условите за експлоатација на мермерот во прилепско.

Се разговарало за поширока соработка меѓу Прилеп и Италија на повеќе полиња.

– Белиот прилепски мермер Сивец е надалеку познат. Ресурсите се во Прилеп и во Карара, Италија. Затоа Мермерниот комбинат и другите претпријатија учествуваат на саемот за минерални суровини во Верона кој е најголем во светот. Посетата на италијанските бизнисмени кои се занимаваат со производство на машини за обработка на мермер и други минерални суровини е важна за подобрување на ефикасноста на производството. Разговаравме и за инвестиции од Италија и пошироки односи на полето на образованието и културата и за поголема застапеност на италијанскиот јазик – рече Ристески.

За подлабоко запознавање се иницирала манифестација во Прилеп на која би се служеле италијански специјалитети, вино, италијанска музика и би се презентирале италијански филмови, а библиотеката би се збогатила со италијанска литература. Сето тоа би придонело за зближување на двата народи и би се отвориле можности за соработка на повеќе полиња од општественото живеење.  

Loading