НЕМОЈ ДА ЦИМОЛИШ

ivce1Мора да се признае дека во весниците јазикот е нешто почист отколку на телевизиите. Сепак, среќаваме и тука грешки. Во еден дневен весник сретнавме неколку грешки и решивме да се јавиме во редакцијата. Се разбира, го бараме лекторот. Ни се јави љубезна госпоѓа, се претстави дека е една од лекторките. Укажавме на некои јазични грешки. Лекторката го прифаќа нашето мислење. Се согласува со забелешките, но бара и некакво оправдување. Вели дека таа не е сама, има и други лектори, па ете, можеби некому му се поткраднале извесни јазични грешки. Се случувало тоа и поради динамиката во работењето. Прифаќаме, можно е тоа. Важно лекторката ги прифаќа сите јазични грешки што ги набележавме. Тоа за јазичните грешки, а и спомнавме и за некои синтаксички недоследности. Конструкцијата на речениците, редоследот на зборовите и воопшто, строежот на фразите е мошне важен. Постојат и тука определени правила. За жал, на тоа воопшто не се внимава. Особено тоа е изразено во прашалните реченици. А се знае дека таму, по прашалниот збор доаѓа глаголот. Во нашава јазична практика сето тоа е испревртено. И цитираме на лекторката една реченица од весникот: “Како од свинско месо, кое чини 250 денари, се прават виршли за 80 денари за килограм”? Овде прашалниот збор е “како”, а глаголот “се прават”. Треба да стојат едно до друго. Реченицата би требало да гласи: “Како се прават виршли за 80 денари од свинско месо кое чини 250 за килограм”. Лекторката, божем прифаќа, но некако колебливо. Вели дека и тие, лекторите, не се семоќни. Има тука и други фактори, има и уредник.

Не веруваме дека уредникот може од својата позиција да наметнува став па неговото да е последно и ако е погрешно. Уредникот на односниот весник е и колумнист. Со особено задоволство ги читаме неговите колумни. Навистина, прекрасни. Духовити, остроумни и базирани на факти и аргументи. Но, ете, разочарувачки ни дејствуваат јазичните грешки што ги среќаваме во нив. Колумнистот, мошне често го употребува зборот ФАЛИ, во смисла на НЕДОСТАСУВА. Му ФАЛИ нешто на некого. Грешка. Во српскиот јазик ФАЛИ значи токму тоа, – НЕДОСТАСУВА, но во нашиот јазик не е така. Кај нас глаголот ФАЛИ значи дека некој нешто ПОФАЛУВА, се изразува ПОФАЛНО. Како ние сега што ги ФАЛИМЕ колумните од односниот колумнист, а го кудиме за јазичните грешки. Зар малкупати сме чуле дека некој многу се ФАЛИ, дека некоја мајка го ФАЛИ своето дете дека било многу умно?! Имаме и именка ФАЛБАЏИЈА. Човек што се ФАЛИ многу. Имаме и придавка – ФАЛБАЏИСТВО. Имаме дури и именка која се употребува во подбивна смисла – ФАЛОПРТКО. Тоа се и такви се значењата на зборот ФАЛИ.

Во една од колумните прочитавме збор што досега не сме го сретнале. Освен во некои српски текстови. Тоа е глаголот – ЦМИЗДРИ. Зошто колумнистот посегнал по тој збор? Па тој не е наш. Го позајмил од српскиот јазик. Како што прават многумина и многупати. Не си спомнуваме точно на целата реченица, но тоа и не е толку важно. Важно е дека е употребен збор кој не е наш и кој не ни треба. Имаме ние, можеби повеќе, зборови со такво значење. А што значи тој збор? Најточниот превод би рекле дека е – ЦИМОЛКА. Ќе речеме за некого дека постојано ЦИМОЛИ, ЦИМОЛКА. Плаче со испрекинат и здодевен глас. Тоа е човек кој постојано се поплакува, се жали. Постои и именка – ЦИМОЛКО. Лице кое што постојано цимоли, се лигави. Кој збор би се употребил зависи од контекстот, од дадената ситуација. Зошто тогаш да велиме дека некој постојано ЦМИЗДРИ, кога можеме да си ЦИМОЛКАМЕ на наш начин и на наш јазик?

Loading