ДРАМСКИ КРВОТОК ВО 13 ПРЕТСТАВИ

МТФ „Војдан Чернодрински“ од 10 до 17 јуни

Mlada krv vo teatarot - Petar TemelkovskiАктерките Сабина Ајрула од Драмскиот театар и Илијаме Билијали од Албанскиот театар и театарскиот критичар Лилјана Мазова се трите добитнички на наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што годинава ќе го има 51. издание од 10 до 17 јуни.

Ова го објави уметничкиот директор Петар Темелковски, додавајќи дека публиката ќе може да проследи 13 претстави во конкуренција и богата придружна програма. Празникот на театарот ќе го отвори Театарот Комедија од Скопје со претставата „Име“.

Според Темелковски, претставите имаат колективна молитвена енергија.

– Радосен сум што репертоарот е разнолик, авторите и актерите се главно млади и претставите имаат многу добар драмски крвоток. Ќе биде задоволна “инфицираната” публика, а актерите треба да бидат радосни, оти е значаен аплаузот на “зависната” публика – објасни Темелковски.

За него, македонскиот театар миговно се менува на подобро.

– Квалитетот е драстично подобрен со вработување на многу дипломирани млади актери, драматурзи, режисери и ликовни уметници. Остварена е идејата за фрлање на македонското семе во театарот. Тоа не е празно. Со одвоените доста солидни средства од Министерството за култура е подигнат и квалитетот насекаде, а во Прилеп се максимално искористени – вели Темелковски. 

За седум дена ќе се видат и претставите на Македонскиот народен театар кој ќе настапи со „Животот е прекрасен“. „Јов“ е насловот на претставата на Драмскиот театар. Велешкиот театар ќе ја игра „Старицата од Калкута“. „Арсеник“ е насловот на претставата на Албанскиот театар. Турскиот театар ќе го игра „Прометеј“, а Штипскиот, „Суд“. „Кралски игри“ е фестивалската претстава на Битолскиот театар. Струмичкиот театар ќе настапи со „Ни ќар, ни зијан“. Со „Ревизор“ во Прилеп доаѓа Кумановскиот театар. Охридскиот театарски ансамбл ќе се претстави со „Парламентарки“. Домаќините ќе ја играат „Ајнштајновите соништа“, а Продукцијата, „Интернационален фестивал на античката драма – Стоби“ ќе дојде со „Медеја“.

Претставата за затворањето на фестивалот и редоследот ќе бидат утврдени дополнително.             

Loading