ЛЕТАЛНИК, ЛЕТАЛНИЦА А НЕ ЛЕТАЧА

ivce1Одгледувањето на благородни птици е одамнешно хоби на многу луѓе. Посебно омилени се канаринците. Во последно време нивното одгледување е помасовно. Има многу љубители кои ги размножуваат и ги одгледуваат во голем број. Во времето на Југославија честа беше комуникацијата на македонските одгледувачи со ,,колегите,, од другите републики. Во српско – хрватското јазично подрачје постоеше и постои стручна литература за начинот на одгледувањето и за сите карактеристики на птиците пејачки. Македонските одгледувачи читајќи таква литература и контактирајќи со одгледувачите од другите републики усвојуваа и разни термини од таа област. Разни имиња на птици и други зборови навлегуваа кај нас од српскиот јазик. Честопати и многу погрешно. На пример, птиците добиени од два различни вида стручно се викаат бастарди, што значи мелези. Нашиве луѓе ги викаат БАСТЕРИ, а тоа не значи апсолутно ништо.

Постои и една друга нелогичност, еден термин пак погрешно пренесен од српскиот јазик. Луѓето кои одгледуваат, кои размножуваат голем број птици практикуваат да направат или да изградат кафез со многу поголеми димензии за да имаат младите птици можност за летање во поголем простор. Ете, таа просторија, или тој поголем кафез, нашиве одгледувачи го викаат ЛЕТАЧА. Се разбира сето тоа е погрешно пренесено. Во српскиот јазик тоа се пишува ЛЕТАЌА (со Ќ) , но како што е познато се слуша Ч, како што е во СПАВАЌА (соба), а ја слушаме и ја изговараме СПАВАЧА. Рековме, македонска литература од оваа област нема. Тоа што е преведено (обично од српски) е со многу грешки и затоа луѓето лутаат и на погрешен начин ги прифаќаат потребните зборови.

Овојпат не интересира најмногу токму тој збор – ЛЕТАЧА. Се разбира, тоа е погрешно и неточно, а можеме тој збор да го побараме и во нашиот јазик или да го изведеме според нашите зборообразувачки правила. Рековме дека во тој кафез, во таа просторија, птиците имаат можност да летаат во поширок простор. Од глаголот ЛЕТА можеме да добиеме именка која ќе го означува објектот во кој се врши тоа дејство, летањето. Таква именка може да се добие со наставката ИШТЕ (проширено ЛИШТЕ). Во граматиката пишува дека именките со таква наставка означуваат некакво место. На пример, од глаголот ШЕТА добиваме ШЕТАЛИШТЕ. Од глаголот ЛЕТА можеме да добиеме именка ЛЕТАЛИШТЕ. Но, можеби оваа именка (леталиште), сепак означува некој поголем простор. Ќе побараме некој друг начин. Пак според нашите, според македонските правила. Од глагол може да се изведе именка со наставка НИК (НИЦА). Тие можат да бидат и проширени – АЛНИК (АЛНИЦА). Ако го земеме глаголот ЛЕТА, од него можеме да добиеме именка ЛЕТАЛНИК (машки род), а може и ЛЕТАЛНИЦА (женски род) .

Во граматиката е набележано дека именките со наставка АЛНИК (АЛНИЦА) означуваат место, односно предмет во кој се врши некакво дејство. Наведени се, меѓу другите, примерите – ПЕРАЛНИК, ПЕРАЛНИЦА, значи предмет во кој се пере (котел) и просторија во која се пере. Патот по кој тргнавме не доведе токму таму. Да го најдеме најточното име на просторијата во која се лета. Зборот ЛЕТАЧА не значи ништо. Погрешно е преземен од српскиот јазик. Ги најдовме вистинските именки – ЛЕТАЛИШТЕ, ЛЕТАЛНИЦА  и ЛЕТАЛНИК. За која ќе се определиме? Сите три се можни и сите три се добиени според нашиот зборообразувачки систем. Сепак, треба да се определиме за една или да и дадеме предност на некоја од трите именки. Рековме, ЛЕТАЛИШТЕ може да се однесува на некој поширок простор. Да ја отфрлиме неа. Нормално е, од другите две да се одбере пократката – ЛЕТАЛНИК. Но, имаме извесно колебање. Одгледувачите на птици се свикнати тој предмет или просторија да биде од женски род. Значи – ЛЕТАЛНИЦА. Таа именка убаво би си се наредила заедно со другите такви – ЧИТАЛНИЦА (место каде се чита), ЧЕКАЛНИЦА место (просторија во која се чека) и така натаму.            

Најлошото е во тоа што нашиов човек воопшто не мисли за јазикот. Одгледувачите на птици и понатаму ќе си го употребуваат бессмислениот збор – ЛЕТАЧА.

Loading