ПОВТОРНО ПРЕГАЗЕН СИРИЕЦ

ivce1Гледале или не гледале, телевизорот си работи. Дури и ние не можеме нешто да работиме ако тој не е вклучен. Ќе погледнеме одвреме – навреме, ќе чуеме нешто. Ќе уловиме и по некоја грешка. За жал, тоа не е реткост. Ни се случи да го проследиме токму почетокот на една емисија и да бидеме бомбардирани уште во самиот почеток со јазична грешка. Се појавува новинарката. Енергична, ведра и како од пушка вели: “Добредојдовте во пазар на труд”. Не навлегуваме во содржината, во деталите на темата. Сакаме уште еднаш, којзнае по кој пат, да ја подвлечеме големата грешка со испуштањето на членот. Во изразот “Добредојдовте во пазар на труд”, именките ПАЗАР и ТРУД се определени и неопходно е да бидат членувани. Реченицата треба да гласи “Добредојдовте во ПАЗАРОТ на ТРУДОТ”. Без разлика што тоа е наслов на емисијата, тие именки мора да бидат членувани. Испуштањето на членот веќе станува опасна појава и деградација на македонскиот јазик. Често слушаме да се вели – “Рак на дојка, рак на матка, Унија на жени”. Сиве овие именки ДОЈКА, МАТКА, ЖЕНИ треба да бидат членувани. Тие се определени. Огромна е негрижата на новинарите (и на лекторите) од скопските телевизии. Во скопскиот говор членот се испушта во многу чести случаи. Новинарите не ја согледуваат таа грешка. За жал тоа се пренесува и на локалните телевизии. Така, скопскиот говор, со сите свои недоследности, станува стандарден јазик во Македонија.

Во една емисија, од областа на социјалната проблематика, опширно се расправа за семејното насилство. Една госпоѓа, најверојатно социјален работник, подвлекува дека институцијалната грижа е недоволна. Подвлекува дека на некои проблеми не се обрнува поголемо внимание. Не се реагира секогаш навреме. Затоа најчесто ги лекуваме последиците, а не причините. Во еден момент, госпоѓата вели дека проблемите се гомилаат, се нагомилуваат и потоа стануваат тешко решливи. Зошто госпоѓата ги употребува глаголите се ГОМИЛААТ и се НАГОМИЛУВААТ?  Ги нема тие зборови во нашиот јазик. Зар не можеше да рече дека проблемите се НАТРУПУВААТ? Може да се рече и дека се ПЛАСТАТ, се НАПЛАСТУВААТ. Исто така, може и се НАТАЛОЖУВААТ. Може и некако поинаку. Но, зошто ни е полесно да употребуваме туѓ збор, кога без некој особен труд, можеме да најдеме наш? Но, ете, постојано ни се “гомилаат” грешките во сите области. Ќе подвлечеме уште неколку. Емисија од областа на спортот. Зборува новинарот. Објаснува за многу проблеми во оваа област. Потенцира и некои успеси. Зборува и за некои можности во некои спортови кои не се доволно застапени. На едно место вели: “Оние кои ги претпочитаат водените спортови”. Многупати сме ја слушале оваа грешка. Зошто на новинарот не му е јасно дека придавката ВОДЕНИ значи МОКРИ, ВЛАЖНИ, НАВОДЕНЕТИ. Спортовите за кои тој зборуваше се ВОДНИ, а не ВОДЕНИ. ВОДНИ спортови, ВОДНИ ресурси, ВОДНА стихија, а не ВОДЕНИ. Ако некој е наврнат од дожд алиштата ќе му бидат ВОДЕНИ. Ако шлупне во некое вирче, чорапите ќе му се НАВОДЕНАТ, ќе му бидат ВОДЕНИ. Значи ВОДНИ и ВОДЕНИ не е исто.

Именката ПОЗАДИНА и прилогот ПОЗАДИ се грешки кои, речиси, редовно ги слушаме. Еве и сега: “Во позадината на студентските протести има политика”. ЗАДНИНА е нашиот збор, а не ПОЗАДИНА. А прилогот ПОЗАДИ кај нас гласи ОДЗАДИ или ОДНАЗАД. Според тоа може да се рече дека во  ЗАДНИНАТА на студенските протести има политика.

Јазичните грешки, обично, предизвикуваат револт. Но има моменти кога некоја грешка или некој несмасен израз предизвикува смеа. Ќе посочиме еден таков пример. Во последно време, на пругата од Гевгелија до Скопје, зачестија случаите кога од возот се прегазени имигранти. Од разни држави. Меѓу другите и од Сирија. Повторно се случил таков инцидент. Сириски државјанин бил прегазен од возот. Новинарката не известува и вели: “Сириец повторно прегазен од возот”. Од ова произлегува дека Сириецот еднаш бил прегазен и сега повторно му се случило тоа. Ако ни кажеше новинарката дека возот повторно прегазил Сириец, ќе ни станеше јасно дека пред тоа имал прегазено Сирец или Сиријци, па случајот се повторил. Вака, остануваме со сознанието дека Сириецот бил прегазен двапати.

Благоја Ивчески

Loading