НОВИ ИСКУСТВА ЗА НОВИ ПЕРСПЕКТИВИ

Ангелка Илиоска, учесник на Школата за млади лидери

Steknav novi soznanija - Angelka Ilioska so pretsedatelot Gorge IvanovАнгелка Илиоска, која на 21 година се стекна со диплома на Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа, беше единствената наша сограѓанка која беше дел од Школата за млади лидери, што се одржува под покровителство на претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов. По две – три години следење на Школата, ги препознала огромните можности за надоградба и осознавање на младите личности.

– Посакував да бидам една од учесниците, бидејќи предизвик ми претставуваше учеството и следењето на предавањата на еминентни стручнаци, меѓу кои амбасадори, функционери од ЕУ, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании, професори од реномирани светски универзитети, од чиишто предавања се стекнува огромно искуство и знаење за натамошното надоградување. Ги исполнував критериумите и со објавувањето на огласот конкурирав. Го минав селективното интервју, и бев повластена со тоа што бев избрана да бидам дел од визионерската програма која стимулира позитивни вредности. Верувам дека младите се двигател на развојот во секое општество, а фактот што Школата вложува во најзначајниот ресурс, најсилно ме мотивираше – вели Илиоска.

Таа е многу задоволна од стекнатите знаења кои ја поттикнуваат, ја мотивираат и создаваат проактивни индивидуи кои придонесуваат во општествениот развој.

–  Се препознаваат младите за најважна алка за подобрување на општествените состојби. Поттикнува да ги откриеме сопствените вредности и лидерските потенцијали, охрабрува да понесеме одговорност во донесувањето на одлуките и развива позитивни вредности кај младите лидери – објаснува Ангелка.

Како најмлад учесник, огромен бенефит се контактите и споделеното искуство.

– Школата беше одлична можност за поставување на перспективи и нови начини на размислување. Не ограничувања, освен ако сами не си ги поставиме со нашиот начин на размислување. Се чувствувам поподготвена за предизвиците во градењето на кариерата и да придонесувам за позитивни промени во опкружувањето. Научив дека доколку сакаме нештата да ги промениме на подобро, најпрво треба да преземеме одговорност и секогаш  да се водиме од девизата: “Биди промена што сакаш да ја видиш во светот, затоа што промената започнува од нас”, – додава Ангелка, потенцирајќи дека најсилен впечаток í оставил предавачот – правникот Мохамед Месиќ.

Loading