ПРЕД МОГИЛАТА

ivce1Постои во Прилеп една улица која луѓето се уште популарно ја нарекуваат “Мртовечко сокаче”. Зошто ова име? Во времето кога градот беше помал и кога уште не беа изградени новите гробишта, посмртните поворки се движеа токму по оваа улица. Во педесеттите години, таа улица беше – “150”. Имаше повеќе улици кои немаа поинакви имиња, туку беа обележани со бројки. Рековме, некаде околу педесеттите години на минатиот век, улицата доби име (на народниот херој) – “ЛАЗО ФИЛИПОСКИ – ЛЕВСКИ”. Дури и се сеќаваме кога се пишуваше тој наслов. Како деца, се собиравме во почетокот на улицата и гледавме кога некои луѓе, со определени шаблони ги пишуваа буквите на белиот ѕид од десната страна на улицата. Значи, така пишуваше – “Лазо Филипоски – ЛЕВСКИ”. По некое време, кога се ставаа табли, наместо да се пишува на ѕидот, на таблата пишуваше – “ЛАЗО ФИЛИПОСКИ – ЛАВСКИ”. Не ЛЕВСКИ, туку ЛАВСКИ, како што се вика улицата и сега. Многупати сме се прашувале зошто е настаната таа промена? Зошто некогаш беше ЛЕВСКИ, а сега е ЛАВСКИ? Знаеме дека голем број од нашите борци во НОБ си земаа прекари според имињата на некои наши поранешни револуционери и борци за слобода од турското ропство. На пример, Кузман Јосифоски – Питу (Гули), Кире Гаврилоски – Јане (Сандански) и така натаму. Дали Лазо Филипоски го зел за прекар името на познатиот бугарски револуционер од турско време Васил Левски? Дали потоа, за да се избегне бугарската форма ЛЕВ, некој го преименувал прекарот на ЛАВСКИ? Или можеби тој од самиот почеток си гласел така, не според некое име туку според тоа – силен како лав. И сега не ни е јасно тоа, но сега насекаде и во сите книги стои напишано – ЛАЗО ФИЛИПОСКИ – ЛАВСКИ. Но, еве веднаш се коригираме. Секаде пишува така, а само на едно место пишува поинаку. А токму на тоа место треба да биде напишано најточно и најправилно. Каде е тоа место?

Неодамна направиме прошетка во Паркот на Револуцијата. Бевме и кај Могилата. Одамна не сме застанале да ги читаме имињата на загинатите борци. Овојпат, читајќи така, дојдовме и до името на Лазо Филипоски – Лавски. И? Знаете ли како е напишано (да не речеме осквернавено) името на нашиот народен херој? На мермерната плоча пишува: НИКОЛОСКИ ФИЛИПА ЛАЗО – ЛАФСКИ. Прво да расчистиме со прекарот – ЛАФСКИ. Напишано е со Ф наместо со В. Ако мисли некој да се правда со правилото за едначење по звучност, се мами. Тоа правило не важи кога е во прашање буквата В.

Причина за ваквата недоследност е неписменоста. Понатаму! Можеби Лазо навистина се презива НИКОЛОСКИ, но од каде се најде српската форма на средното име – ФИЛИПА, наместо ФИЛИПОВ или едноставно ФИЛИП? Значи – НИКОЛОСКИ ФИЛИПОВ (Филип) ЛАЗО – ЛАВСКИ. За татковото име (средното) кај нас не постои некоја кодифицирана норма. Некогаш, поодамна, обично се користеше присвојната придавка. На пример – Николоски ФИЛИПОВ Лазо. Во последно време како да се избегнува таа форма и обично се пишува името на таткото, онакво какво што е – НИКОЛОСКИ ФИЛИП ЛАЗО. Нашите лингвисти ќе треба повеќе да се позанимаваат со ова прашање. Но, сосема е јасно, како ден, дека на онаа српска форма Николоски ФИЛИПА Лазо воопшто не и е местото во нашиот јазик. Во српскиот, татковото име се пишува во посвојна (падеж генитив) форма. Кога го служевме воениот рок, ние лично насекаде, во сите формулари, сме пишувале ИВЧЕСКИ БОЈАНОВ БЛАГОЈА. Воените службеници насекаде го преправаа во Ивчески БОЈАНА Благоја. Нашите (македонски) службеници во воените институции поим немаа за оваа проблематика, ниту знаеја нешто за падежните форми. Едноставно, тие ги копираа српските колеги и мислејќи дека така е подобро и покултурно, средното (татковото) име го пишуваа со таа српска падежна форма – РИСТЕСКИ СТЕВАНА ГОГАН. Името Гога не им беше познато и си го преправаа како што мислеле дека треба.

Но, тоа помина. А оној срам со името на ЛАЗО ФИЛИПОСКИ – ЛАВСКИ ќе остане.

Ќе црвенееме и ќе ги веднеме очите. Ќе не мачи и ќе не гризе совеста.

Се разбира, кој што ја има.

Благоја Ивчески

Loading