Премиера на “Буре барут”
Текстот на Дејан Дуковски го режира Наташа Поплавска
“Буре барут” е првата премиера годинава која на сцената на театарот ќе биде прикажана вечерва и утревечер од 20 часот. Текстот на Дејан Дукоски по 20 година од првата изведба, го режира Наташа Поплавска. Се работи за камерна претстава во која ќе се почувствува “Буре барут” одблиску.
– Публиката е блиску до делото на повеќе начини. Од една страна реално, од друга она за што Дејан пишуваше пред 20 години е непроменето со денешнинава. Публиката одлучува дали нешто се сменило, дали сме отишле подалеку од пред 20 години – вели Поплавска.
Како режисер, инспирација í биле актерите, кои се појдовна точка за творење.
– Со актерите комуницирам неколку години. Размислувавме што да поставиме. Се колебавме, но преовлада длабокото чувство дека “Буре барут” е скроена за овој ансамбл, за актерскиот сензибилитет, кој се поклопува со фрагментарната драматургија која ја има Дукоски. Го одбравме точното време – додава Поплавска, потенцирајќи дека доследно го следи Дуковски во целиот негов ракопис и дека публиката ќе даде одговор на многуте прашања “зошто”.
Режисерката жали што по премиерата ќе замине од театарот.
– Ретко доживување, во смисла на процес, градење на претстава. Од почеток пробавме претствата да не биде во нас лично, туку на сцената. Мислам дека успеавме. Искуството ќе биде едно од најубавите – вели таа.
Играат Игор Трпче, Димитар Ѓорѓевски, Даниела Иваноска, Владимир Ѓорѓијоски, Александар Степанулески, Димитар Црцороски, Виолета Чакарова, Марјан Чакмакоски, Катерина Чакмакоска, Наташа Наумоска, Илија Волчески, Марија С. Илијеска, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски.
Музиката на Мизар
Печат на претставата ќе остави музиката на групата Мизар, која е многу значајна за целата балканска сцена. Слично меѓу Буре барут и во текстовите на Мизар е страшно блиско, врзивно ткиво. Текстот на Дуковски и созадавањето на Мизар е како ден и ноќ. Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата и видео дизајнот е на Емил Петров. Гостин музичар е Методија Костоски.
– Актерската задача е голема, не само заради тоа што ги толкуваат ликовите, туку и заради тоа што голем дел од нив го создаваат бендот “Буре барут”, односно свират и пеат во живо. Актери имаат способност суптилно и нежно да создаваат атмосфера за добра претстава – вели Поплавска.