БОШЊАК ПРИЈАВЕН ЗА ЕВРОПСКО

Гимнастика: Покрај недоразбирањата во овој спорт

– Шампионатот е од 19 до 25 мај во Софија

Најдобриот македонски гимнастичар, Дино Бошњак, член на словенечки Марибор, е пријавен за претстојното Европско првенство во Софија, од 19 до 25 мај. До последен миг траеше неизвесноста, поради домашните недоразбирања, но, за среќа, со позитивна разрешница благодарение на тренерот – селектор Златко Ангелески од клубот Партизан Соколи. По задолжителната уплата на котизацијата, низ контакти, добиена е согласност Бошњак да патува заедно со репрезентацијата на Словенија.

– Две недели беа подготовките во Прилеп и Битола, после во Марибор. На линија сме секојдневно. Оптимистичка вест е третото место на разбој минатиот викенд на Светскиот куп, меѓу врвни ривали од 27 земји – вели тренерот Ангелески.

Следат напорни тренинзи. Европскиот самит е натпреварување од прв ранг на континетот и не случајно е одбрана голема сала со 12 илјади седишта. Со нетрпение се чека ждрепката со која се одредуваат гимнастичарите по групи. Само најуспешните осуммина обезбедуваат пласман во финалето. Тоа е еден вид подвиг во овој убав, олимписки спорт. Сепак, најважно е добро да се извежба и извлече максимум.

– Најдобро да биде во група со фаворитите. Во нивно друштво може да извежба за високи оценки – смета Ангелески.

Паралелно, клубот Партизан Соколи реди успеси дома, а според билтенот на турнирот победници се во Б лига екипно помлади, постари пионерки, поединечно Леонида Стојаноска, во А лига екипно помлади, постари пионерки и постари пионери, поединечно Теа Манеска, Теа Велкоска, Андреа Ангелкоска, Ивана Јанкоска, Дамјан Атанасоски, Џулијано Христоски со Димитар Илиоски и Давид Ристески.

ОТПАДНА БИТОЛЧАНЕЦОТ

Мошне тешко е гимнастичар да стигне до Европско. Таму се само најдобрите, нема натрапници. Вториот Македонец, најблиску по квалитет до Бошњак, битолчанецот Иван Крстевски, не патува. После ланското учество на Медитеранските игри, немаше во континуитет тренинзи и отпадна, така единствен претставник е Бошњак.

Loading