СВЕТСКО ПРИЗНАНИЕ НА НАСТАВНИКОТ ОД КАНАТЛАРЦИ

– Новиот стил на пренесување на знаењето е препознат и награден со прво место од жирито на Глобалниот Форум на наставници – експерти во Барселона

– Успесите на меѓународен план се потврдени повеќепати

Makedonskiot stand vo BarcelonaДарко Талески е ентузијастичен, полн со елан наставник по ликовно образование во ОУ “Кирил и Методиј” во селото Канатларци и во подарачните училишта во Подмол во ОУ “Пере Тошев” од селото Дупјачани од подрачното во Десово. “Даскалот по цртање”, на децата им го пренесува знаењето на помодерен и технолошки понапреден начин. Тој со компјутерот ликовното воспитување го доведува да биде атрактивно, да предизвика љубопитност и да побуди креативност кај децата. Тоа е медиум преку кој ги пренесува знаењата и им го поттикнува духот, оти децата така брзо учат и ги разбираат темите. Пред неколку недели се врати со лаври од Барселона, како носител на првото место во светот на Глобалниот Форум на наставници – експерти, организиран од Microsoft, и тоа во конкуренција од 1100 едукатори од 92 земји од светот со проектот “Ова е мојот глас”.

Со завршениот факултет за ликовна уметност во Бугарија пред девет години се вработил прво во ОУ “Кирил и Методиј”, а веќе наредната година дополнувал часови и во ОУ “Пере Тошев” во Дупјачани. Стекнал и магистерска титула за Медиум и реклама во 2007 година.

Priznanija za ucenicite od romanskiot ambasador– Посветеноста кон професијата е причина за голем број професионални достигнувања како и успеси на учениците кои ги образувам со нови, иновативни методи. Децата немаат дополнителна настава,  но се трудам да им предавам нешто интересно да ја изразат креативноста, што би ја користеле во слободното време. Сите 150 деца од шесто до осмо одделение, многу брзо се навикнуваат на современите техники на учење, и покрај тоа што предавам само ликовно образование. Им помагам и во другите предмети. Прв во градов, а можеби и во Македонија го користам методот на стоп моушн анимација, при што со анимации може да се најдат заеднички врзни точки со другите наставни единици, како математика, физика, информатика… – објаснува Талески, кому работата во рурални средини не му е потешкотија, туку предизвик.

Трудот на Талески раѓа плодови. Тој и неговите ученици “жнеат” успеси, најмногу на меѓународно ниво. Долг е списокот на награди. Почнувајќи од неколкугодишни први награди на ученици на меѓународниот натпревар за фотографија “Слика од мојот крај”, па златен медал и неколку наградени ученици на меѓународен натпревар во Египет, по што следеле награди за ученици на меѓународен конкурс во Романија.  Семејните и училишните витрини се полни со десетици признанија за ученици на карневалот Прочка за најдобри традиционални маски. И манифестацијата Битолски Монмартр не останала покусо, туку креациите на децата на Талески биле овековечени со призанија. Најсвежа им е последната награда на учениците на 42 – от фестивал за аматерски филм 2014 г. во Барселона. Анимацијата на децата го воодушевила жирито и била наградена со прво место во категоријата и прво место за најдобро сценарио.

– Успехот на меѓународен план е потврден повеќепати преку училишни проекти. Само некои од нив се соработката со училиште од Романија во реализација на проект посветен на поетот Никита Станеску, проект поддржан од Академијата на училишта од Централна Европа (ACES) во соработка со училиште од Бугарија, проектот “Fun, education, stop motion animation”, кој е награден со прво место на државниот натпревар за иновативни наставници организиран од Microsoft во 2012-та. Истиот проект беше награден на Европскиот Форум на иновативни наставници организиран од Microsoft, како и на Глобалниот Форум на иновативни наставници награден со второ место истата година. Последен проектот е на Adobe, кој поттикнува користење на мултимедијалните средства во пренесувањето на проблемите со кои се соочуваат младите во нивната средина. Проектот првпат се реализира во Македонија и на Балканот, а го поддржува Adobe – водечка светска компанија од областа на мултимедијата – објаснува Талески.

Darko Taleski  - inventiven nastavnik poln so nagradiОсновен момент не е само технологијата. Таа е само алатка која ми помага учениците да се мотивираат, да се поттикне креативноста, можност за поголема соработка и секако инструмент за развивање на вештините на 21 век. Технологијата најчесто се состои во дигитални фото апарати и камери, компјутери, смарт телефони – опрема која лично ја поседувам и ја користам во мојата секојдневна работа. Во сите проекти се користи Microsoft платформа кои се дел од постоечката опрема во училиштата и дел лична опрема – го детализира патот до успехот, Талески.

Учениците скоро како да се родени со новата технологија. Лесно им оди ваквиот стил на едукација. Преку проектните активности им се овозможува наменски да ја употребуваат техниката. Таа им е и орудие за учење и стекнување со нови умештва неопходни во денешново време.  Доказ за тоа е нивниот голем успех на натпреварите ширум светот.

– Не е секогаш битно поседувањето на најновите технолошки достигнувања. Тие се само инструмент, ако правилно се компонираат.  Успехот е составен од голем број други фактори и не постои рецепт. Од лично искуство значајни фактори се посветеноста, постојаното учење, креативноста, желбата за промена, и многу, работа и труд – додава Талески.

Иако се секогаш на натпреварувачкиот врв, не добиваат материјални награди, но Талески вели дека тогаш би задоволиле само некои човечки материјални потреби. Ниту една награда не е финансиска или во друг облик, како опрема за работа, туку сите се признанија и пофалници. Според него, најголема награда е успехот на учениците, па затоа најомилени му се проектите во кои учениците имаат можност со свои дела да учествуваат и да се натпреваруваат.

Талески продолжува со учествата на фестивали и други настани. Adobe вторпат им дава довербата во вториот циклус од почнатиот проект како резултат на посветеноста и одличните мултимедијални дела на неговите ученици. Претстои конференција во Словенија со над 2000 учесници, каде што по покана на Microsoft му е дадена можност да ги пренесе искуствата како наставник – експерт. Би учествувал и на други настани, но финансиите се проблем. Го спречуваат да присуствува во Сантиаго Де Кампостела, Шпанија на обука за поврзување на уметноста, технологијата и науката како резултат на првонаградениот проект на конкурс.

Талески во она малку слободно време што го има, твори слики, графики и краткометражни филмови. Неговиот анимиран филм од една минута бил прикажан во Берлин, Германија и Торонто. Канаѓаните дале позитивни критики во медиумите. Наставникот по ликовно нема намера да остане на сегашниве успеси, туку и поединечно и со учениците ќе напредува, во нови натпревари и следејќи ја технологијата која јури  во иднината со силно темпо.   

Loading