ПРИОРИТЕТ СЕ ДРЖАВАТА И ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ

Наместо на плоштадот, митингот во Универзална

So cist obraz ja baram doverbata od graganite- kandidatot Gorge IvanovПоради невремето што го зафати Прилеп неколку минути пред почетокот на митингот на кандидатот за Претседател на коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ и актуелен Претседател Ѓорге Иванов, наместо на плоштадот, тој ја претстави новата платформа во Универзалната сала. Истакна дека само граѓаните можат да одлучуваат за името на нашата татковина, Македонија.

– Само како Македонија и како Македонци сме придобивка за Европа и за светот. Само како Македонија и Македонци, Европа е придобивка за нас! Ниту Македонија ќе биде Македонија, ако í се одземе макар едно делче од идентитетот. Македонецот не може да оди против себе и не дозволува никој да му каже што е! Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина, ниту за иднината на Македонија. За тоа право, се бореа и се изборија нашите предци. За секое решение ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум. Само, доколку мнозинството, кое ќе излезе на евентуален референдум, се согласи со предложеното решение. Ниту еден поединец, група граѓани или политичари, партија, влада или собрание, не може да оди против волјата на народот – рече Иванов .

Тој кажа дека е претседател на сите граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност, кој работел чесно и одговорно.

Претседателскиот кандидат вети дека ќе продолжи да се залага за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, а блокадите од јужниот сосед да ги надминува со реформска работа дома и со политика на отвореност, дијалог и соработка кон надвор.

– Нема да прифатам промена на Уставот за промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози за загрозување на македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Нема да дозволиме Македонија и граѓаните да бидат обезличени – истакна Иванов.

Според него, втората делница од магистралниот правец на гасификацијата од Неготино ќе минува низ Прилеп.

– Гасификацијата на Македонија и Прилеп ќе значи поефтина енергија, пониски цени на македонските производи, повеќе можности за равој на македонската економија и производство. Домаќинствата ќе заштедат на енергија. Прилеп ќе има уште поголем економски раст  – рече кандидатот за Претседател на ВМРО – ДПМНЕ.

Тој потсети на изградбата на технолошко- индустриската зона во Прилеп, за исплатените субвенции за тутунарите, за реконструирањето на патиштата, изградбата на градинка во Тополчани и училиште во Чепигово…

– Еден од столбовите на платформата е и солидарноста. Во 2013 година во Прилеп почнаа да се градат 75 станови за наши сограѓани, кои се социјално ранливи. Работиме и на зачувување на традицијата преку негување и туристичко промовирање на древните манастири Зрзе и Трескавец, а најголема цел е економскиот раст и развој. Така ќе биде и следниот мандат, кога приоритет ќе ни бидат државата и економијата, кои ќе создаваат нови работни места – заврши Иванов.

Loading