ОД ЉУБОВ НЕ СЕ ЖИВЕЕ, НО ЗА ЉУБОВ СЕ ТРПИ И ГЛАД

Љубовна алка ги врза Сочи и Мажучиште

– Веќе 17 години Русинката Валентина, свила гнездо во прилепско, сонувајќи за далечната земја

– Со невработениот сопруг Петар Трпкоски и четирите малолетни деца, едвај врзуваат крај со крај, а млекото од кравата им е единствената секојдневна храна

За љубов, и ридови и планини се минуваат. Не десеттина метри, туку неколку стотици илјади километри се врват за страст. Не бадијала се рекло, дека женското не е за дома, а кога го напушта родното огниште и стреите плачат, зошто оди во друга куќа да свие брачно гнездо. Но, не само што го сменила родниот град, туку и државата. Пред 17 години Русинката Валентина (38) дошла на Балканскиот Полуостров, да се ќердоса, да свие топол дом и му се предаде на љубовниот занес кој тогаш го чувствувала со своите 17 години кон Македонец, кон прилепчанецот Петар. А за љубов и мајка се остава, и татко се заборава и од сестра се заминува! Дека од мерак не се живее, а за љубов се трпи и страда се уверила на сопствената кожа Валентина, која ја осетила суровоста на животот. Но, искрата на љубов не згаснала ни по десетина години макотрпно издржувајќи ги четирите малолетни деца.

Од родното место, Сочи, кое годинава се прослави по спектакуларно организираната Зимска олимпијада, во далечната 1998 година, Валентина рекла збогум на блиските и тргнала во Македонија, во Мажучиште, во неизвесност, во непознато, држејќи се за раката на Петар Трпкоски кој уште на прв поглед í го освоил срцето, работејќи во нејзиното родно место преку фирмата Маврово која што тогаш изведувала работи во Сочи.

– Петар додека работеше во Сочи, јас работев во самопослуга и секој ден доаѓаше да купи цигари. Така се роди прво пријателство, а после љубов. Тоа беше во 1997 година. Се засакавме и се зедовме. По една година дојдовме овде. Не се разочарав, зашто сопругот ми ја опиша ситуацијата, а јас прифатив. Го очекував ова. Фамилијата моја, прво време беа против овој брак, а со тек на време омекнаа. Татко ми почина пред една година. Се противеа и мајка ми и татко ми, но после видоа дека од инает не бидува ништо и го прифатија бракот. Не се дојдени овде. Нити на свадбата која ја правевме во селото. Сватовите од кај Петар беа малку зачудени што зел за невеста Русинка – се сеќава на почетокот на брачниот живот Русинката Валентина Трпкоска. 

А кога се разгорува пламен во срцето, не се гледа ниту дали избраничката е од друга држава, ниту континент. На нејзината младост и убавина не останал рамнодушен Петар чие срце го “оковала” Русинката.

–  Кога ја видов, веднаш ја бендисав. По неколку прошетки низ Сочи í предложив да се земеме и да заминеме во Македонија. Ги сменивме плажите на Сочи, со сушното Мажучиште. По војната 2001-ва бев во Тетово, како резервист, а после тоа ги посетивме нејзините во Сочи. Нејзините омекнале со времето. Мирни и ме почестија со сé што имаа. Освен Валентина, имаат уште една ќерка која уште е во Сочи. Иако сме сиромашни, чувствата меѓу мене и Валентина не се променети – вели сопругот Петар Трпкоски.

Успеваат да одолеат на проблемите кои ги носи тешката економска состојба. А Валентина од година во година, успева да ја совлада и тагата за родното место секогаш интересирајќи се за состојбите во далечната земја.

– Прво време одеше добро, работевме тутун, а мажот ми работеше во Маврово. После го испуштија, а со тутунот послабо работиме, зашто кај се откупува, кај не, и како што оди се полошо и полошо. Земавме социјално, но ни го прекинаа зашто однесовме 130 килограми тутун. Не земаме ни детски додаток, а немаме ни земјиште на наше име. Ја следам ситуацијата со Крим и Украина, и неодамна се слушнав со мајка ми и ми рече дека во Сочи и во Русија е мирно, а во Украина има пукотници – вели Валентина.

Имаат четири деца, најголемото со 16 години се вика Игор кој учи текстилно во Скопје, Снежана има 15 години и учи во хемиското училиште во Прилеп, Михаил има 7 години, а најмал е тригодишниот Александар.

Петар кој има 45 години и од никаде не зема пари, жилаво се бори да ги нарани 4-те гладни детски усти за кои млекото од кравата е секојдневна храна.

– Никој не те зема за работа. За сî бараат диплома. Освен тутунов, не работам ништо. Иако имаме еден трактор, оставштина од татко ми, не работам со него зашто е еден на тројца браќа. Со мака, аргатлук мора да се оди да се спечали нешто за да се прехранат децата. Сум работел и како армирач, но сега никој не ме бара. Никој не ми излегува во пресрет за маката со париве. Вака не бидува. А, згора на тоа тутунот годинава не оди, а за идната ќе бидам приморан да земам поголема површина. Да работам околу 7 декари, и тоа со рачно нижење. Тоа е единствена егзистенција, покрај кравата. Уште да не е таа, да дава млеко за децава, навистина не знам што би правеле. Фала Богу, дава и по 10 литри млеко, од кое само мал дел вадиме за изварка, а другото е за децата. В село ако немаш крава подобро бегај. Важно е дека какви и да се времињата и колкава да е беспарицата, со Валентина сложно го живееме животот – вели Петар.  

Иако í е тешко во Македонија, со четири деца, без социјално, без работа, Валентина не се пишмани што на времето го послушала срцето. Во немаштијата и гладот, љубовта и меѓусебното почитување е тоа што ги одржува.

– Никогаш во животот не сум рекла “зашто дојдов овде”, зашто од судбината не се бега. Од љубов дојдов и со љубов живееме. Има – нема, но како што се вика “Каде има слога има и Бога”. Ако ништо друго, да го вработеа барем мажот ми, зашто не можам со четири деца да работам никаде. Тој уште е на нога и може да работи – вели Валентина.

Можеби нема раскош, богатство, изобилие во домот на Трпкоски, но затоа барем има љубов и топлина за заеднички живот.

РУСИНКИТЕ ПРАВАТ И МАСЛЕНИЦА

Валентина не е единствената Русинка која го предала своето срце на прилепчанец. Во нашава општина живеат 10 Русинки кои се заколнале на вечна љубов со наш сограѓанин. Покрај од Сочи, има Русинки кои дошле од Москва и други градови. Повеќето од нив имаат над една деценија брачен стаж. Тие се почитувани не само како сопруги, туку и како рамноправни жители на нашата држава, која им овозможува да го изразат своето демократско граѓанско право на глас.

Пред две години, со посредство на Руската амбасада, Русинките од Прилеп гласаа на изборите за претседател на Руската федерација. Неделникот Зенит им излезе во пресрет, отстапувајќи им ги своите простории за демократскиот чин.

Русинките се дружат и контактираат. Нив ги обединува и здружението за македонско – руско пријателство со седиште во нашиот град. Тоа е нивната папочна врвца со амбасадата и матичната земја, организирајќи им бројни настани од уметноста и културата.

Не забораваат да ги негуваат и руските адети и обичаи. Така секоја година за празникот Масленица приготвуваат традиционални јадења во кои со сласт уживаат нивните роднини и пријатели.

Како натурализирани прилепчанки, мошне добро се снаоѓаат и во традиционалната прилепска кујна, така што ширденот и зелникот им се кулинарски предизвици кои сосема ги имаат совладано. 

Loading