АКВА ПАРК ЗА ЛЕТНА ШЕМА

Кај Салида

До јуни треба да биде готов Аква паркот кој ќе никне на површина од околу 5 илјади метри квадратни со тобогани, лизгалки, базени за деца и возрасни, шанкови во вода, лежалки во непосредна близина на хотелот Салида. Комплексот, кој е приватна инвестиција на сопствениците Гоце, Диме и Ице Ѓорѓиоски, ќе располага и со придружни објекти – административна зграда со ресторан,  кафе-барови, санитарни јазли, туш кабини, соблекувални и прва помош. Новиот објект, кој ќе биде своевидна атракција и можност за разонода и разладување во летните месеци, ќе ја раздвижи и прилепската економија и ќе создаде можност за отворање на нови работни места.

– Таков забавен центар моментално нема во Прилеп. Планираме да се зголеми хотелиерството и во план ни е нов ресторан. Аква паркот ќе нуди повеќе содржини. Очекуваме многу посетители не само од градов, со оглед на тоа што локацијата е на влезот за Прилеп од Битола. Моментно хотелот располага со 70 легла. Со проширувањето за 20 соби, односно вкупно 140 легла, и со новите содржини, очекуваме да се зголеми бројот на гости за 20 до 40 отсто – вели Ице Ѓорѓиоски, косопственик на Салида.

Прилепчани со нетрпение ја очекуваат новата атракција. Заедно со историските знаменитости, значително ќе се збогати туристичката понуда. 

Loading