МЛАД ФРИЗЕР СТРИЖИ НА СЛЕПО

– Фризура со заврзани очи за облог стана спектакал

– Стриг со оган

Меѓу бројниот берберско – фризерски еснаф, импресивна техника на потстригување одржува дваесетиедногодишниот Тодор Тодороски, кој знае и без сетилото за вид да направи фризура. Вештината на брзите прсти ја искористил во потфат, на кој ни муштерија, а ни фризер со искуство не би се нафатил.

– Да стрижам со заврзани очи ме поттикна шеговитиот муабет со еден муштерија. Ми вели, “Можеш, не можеш, за обложување”. Се нафатив и го прифатив предизвикот. Со очите залепени со ханзапласт, не гледав прст пред око.  Во целосен мрак ги наредив ножичките, апаратчето за кратење коса, прскалката за вода на место каде знаев што е каде е и тргнав во акција. Претпазливо, само со допир со дланките и прстите, рутински го поминав делот од стрижењето со машинка, зашто имам чувство за препознавање на физиономијата на главата. Во потешкиот дел, со прстите мерев милиметри и сантиметрите за да “удрам” со ножичките. За 20 минути, внимателно, така речи прамен по прамен, ја скусив косата по стандардната процедура со висок квалитет. Муштеријата за тест беше задоволен. Му ја суредив главата и му ја дотерав фризурата, небаре креирана на “видело”. Го добив облогот. Не знам како е да си во кожата на клиентот. Буквално си ја стави главата во вреќа, зашто само со еден мој погрешен потег, можеше да му го пресечам увото, или да го боцнам в око со острите ножички. Ама професионалноста, искуството и уката ми дозволи да го преземам овој зафат, вреден за циркуска точка. Задоволниот клиент без противење го плати ручекот што беше премија на облогот – кажува Тодор за уникатниот акт, кој го обиколи светот преку видео клип на Јутуб, за кој многумина со скепса мислеа дека е монтажа или дека берберот можел да гледа низ лепенките.

Несекојдневниот чин на можеби најмладиот фризер со сопствено студио се претвори во сензација.

Иако во Прилеп има 170 фризери и бербери, посебноста на занаетот на Тодор е креативноста, самодовербата и довербата на муштериите стекнато со квалитетно работење.

– Завршив за фризер во СОУ “Ѓорче Петров”. Не седев со скрстени раце да чекам некој друг да ми го вади лебот, туку работев симултано келнер, фризер и продавач на козметички производи. Најмногу ми лежеше фризерајот, ама не можев да отворам студио.  Бев калфа на повеќе мајстори – објаснува Тодор за почетоците на занаетот.

Први “муштерии” му биле баба му и дедо му. Кога видела сестра му Наталија дека ножичките “летаат” во рацете на брат í, и таа била на третман за коса. Од добриот глас стекнал верна клиентела. Нетипично за машко, девојките брзо се навикнале, фризурата да му ја препуштат на Тодор.

– За моите години, бев пријатно изненаден од бројните муштерии. Доаѓаа и ме бараа и машки и женски. Веројатно тоа се должи на тертипот да не гледам на време за дизајнирање на фризура. Мерило и саат ми е задоволството на муштеријата. Тоа е и реклама и содавање имиџ, рејтинг, препознатливост. Со фризурите како да оставам “печат” кај муштериите. Се бендисуваат, добиваат комплименти од пријателите, роднините,  сопружниците. Создадов глас за мајстор со висок квалитет, што го негувам  да го одржам со идеја да го надградам – вели Тодороски.

Иако е школуван, тера сам. Напредувал со претпазливо респектирање на желбите на муштериите. Со упорност ја унапредил умешноста, а со следење на каталози стекнал и финеси, марифети во овој типично женски занает. Занаетот неколку месеци го “печел” кај стилистот Дадар – кажува Тодор, меѓу два термини за фризирање.

Студиото Capelli го отворил лани. Со сопствени средства го опремил со квалитетни алатки, кои постојано ги обновува и осовременува. Клиентелата му е “фифти – фифти” – машки и женски. Не може глава да крене. Затоа на припомош му се две практикантки.

– Трудот се исплатува. Покрај конкуренцијата со мајстори со 20 – 30 годишно искуство, се бара специфичност на фризурата и следење на трендовите. Се водам со идејата, ако може некој колега да има салон, зашто и јас не би можел. Се стремам постојано да го задржам квалитетот и да не тргнам по квантитет и рутина. Фризерот не е работник на лента, туку уметник, што знае да ја обликува фризурата според контурите на лицето – вели младиот мајстор за фризури и шминки.

Со испланирано темпо, Тодор максумум може да “третира” 55 клиенти, а во порелаксиран ден по 15.

Уште една техника што ја користи Тодороски е потстригување со запалка. Навидум без заедничка точка со занаетот, ја скратува косата само со чешел и запалка.

– Постапката е да се фати прамен од косата со чешелот, и огнот од запалката гори до делот каде е чешелот.  Марифетот е во знаењето кога да се извади чешелот и да престане горењето на косата. Предноста на ваков тип на потпалување/потстрижување е што косата после тоа расте побавно – открива Тодороски уште еден необичен начин на потстригување.

На махерот за фризури и шминки, веќе му е тесен просторот. Мерка поголем дуќан за салон до 40 м2, муштериите да можат поудобно да се чувствуваат и да ја распореди опремата според потребите.

Loading