МИЛЕНИУМ МЕЃУ КОРИЦИ

Се подготвува монографијата за илјадагодишнината на Прилеп

Византискиот хроничар Јован Скилица, во 1014 година, првпат  името Прилапон го споменува во пишаните документи. Овој историски податок всушност се смета за “своевиден” роден ден на нашиот град. Па тргнувајќи од овој пишан факт, 2014 година е јубилејна, односно се навршуваат 1000 години од споменувањето на името на градот во пишаните документи.

Во годината на роденденот, ќе биде издадена и монографија со која ќе се одбележат десетте века постоење на градов. На иницијатива на Друштвото за наука и уметност, монографијата ќе биде своевидна разгледница за градот. Официјалните делегации кои ќе доаѓаат во општината, не само од другите градови од државава, туку и странците ќе си заминуваат со книга во која ќе бидат спастрени десет века историја од постоењето и развојот на градот под Марковите кули.

Монографијата ќе го опфати Прилеп низ милениумот од повеќе аспекти. Формиран е иницијативниот одбор, од компетентни стручни лица од музејот, архивот, институт за старословенска култура, институт за тутун и други институции. Се одржа и првиот координативен состанок на иницијативниот одбор.

– Ќе бидат вклучени повеќе од 30 автори од област на етнологијата, историјата, уметноста, културата, општествено-политичкиот живот, економскиот развој. Идеата за луксузното издание кое ќе í служи и на научната мисла и на секој читател, ќе биде  лична карта за градот. Појдовни точки ќе бидат досегашните монографии, а  ова ќе биде издание со нови фотографии и модерен дизајн – објаснува Снежана Ристеска, советник за култура во општината.

Изданието ќе биде луксузно и двојазично односно македонско – англиско.

– Како иницијатори, претендираме да се создаде монографијата за Прилеп низ 10-те векови. Основните правила за оваа популарна, но и стручна книга базирана врз факти, ќе се постават, затоа што не е мал периодот, а ние имаме доста стручни и компетентни луѓе кои може да бидат вклучени во трудот – вели Љупчо Попоски, претседател на ДНУ.

Промоцијата се очекува да биде кон крајот на годинава. 

Loading